Неколку минути пред да исчезне од радарот, во патничкиот авион на „Египет ер“ бил регистиран чад, јавуваат светските медиуми.

Авионот на египетската авиокомпанија, кој со 56 патници и 10 членови на екипажот леташе на релација Париз – Каиро, во четвртокот се урна во Средоземното море, кај островот Крит, кратко по влегувањето во египетскиот воздушен простор.

Чадот, според информациите, кои биле потврдени од францускиот истражен тим, бил регистриран во тоалетот на авионот, неколку минути пред да се изгуби сигналот со контролата на летање.

Египетската војска вчера соопшти дека пронашла остатоци од авионот, а по неа и грчкото министерство за одбрана објави дека во морето се пронајдени тела од настраданите патници, багаж и седишта од авионот.

Според информациите, деловите од авионот и телата на патниците биле пронајдени на околу 8 километри од местото каде авионот на „Египет ер“ последен пат бил забележан од радарот.