fbpx

Реформите во администрацијата недоволни: Потребни се квалитетен кадар и дигитални услуги

-

„Администрирањето“ на реформите на јавната администрација е главниот проблем, бидејќи реформите се спроведуваат, но не се на посакуваното ниво. Има стратегии, акциони планови, но техничките прашања и волјата се мали. Имаме кадар, но поважно е да имаме квалитет, кој недостасува, особено во областа на информатичката технологија, што секако би помогнало да се унапреди дигитализацијата на услугите, кои граѓаните на Северна Македонија се уште не ги добиваат во целост. За ова, меѓу другото, стана збор и на онлајн дебатата организирана од Фондацијата Метаморфозис, „Администрирањето со администрацијата, клучен предуслов за реформите“, која што се одржа денеска, известува Порталб.мк.

Универзитетскиот професор Драган Гоцевски, зборуваше и за квалитетот на работата во администрацијата, за чие констатирање, појасни тој, мора да постои волја.

„Не дека не знаеме или не можеме да ја измериме продуктивноста, тоа е позната формула, особено ако влезете во Меѓународната организација на трудот ќе видите дека има метрика за секаков тип на процес. Прашањето станува сложено дали една формула може да се примени за тоа колку сме продуктивни во целиот јавен сектор или ни требаат неколку формули на јавниот сектор, и тоа е можно, но за да се примени треба да знаеме што произведуваме, каква услуга. Потребна е искреност и непристрасност за да се навлезе во прашањето дали секој вработен навистина работи исто. Ако успееме и собереме волја да одговориме на овие прашања, тогаш можеме да одговориме и на прашањето кој работи, кој не работи ако не работи, дали работиме добро, дали вработените знаат или не“, рече Гоцевски.

Јулијана Караи, од Институтот за европска политика (ИЕП) зборуваше за „капиџикот“ преку кој се вршат вработувањата во јавната администрација без да се почитува принципот на меритократија.

„Иако начелно вработувањето во јавниот сектор се врши преку огласи за вработување, се избираат најдобрите и стручни кадри, во контекст на пополнување на слободните работни места во јавната администрација често се случува тие да се пополнат со потпишување договори за привремени вработувања. Ова е дел од законот за вработување во јавниот сектор, што значи дека постапката е законска, но може да се смета како отстапување, бидејќи овие вработени не се обврзани да ги исполнуваат критериумите што важат за лицата вработени по јавни огласи“, а тоа е кршење на принципот на заслуги“, рече Караи.

Универзитетската професорка Ирена Бојаџиевска напомена дека на институциите во земјава им недостигаат хардвер и софтвер, но и човечки ресурси.

„Имаме речиси 20 годишен развој на информатичкото општество во Македонија, но немаме резултати од напишаното што требаше да се заврши во текот на овие две децении. Мислам дека извесно време функционираме без конкретен национален стратешки план за развој на информатичкото општество. Теренските истражувања покажуваат дека и денес во институциите како главни проблеми се недостатокот на хардвер и софтвер, на пример во делот на објавување отворени податоци, потоа недостатокот на ИКТ кадар, исто така, немаат и технички ресурси, а немаат речиси воопшто човечки речурси, особено на лица за информатичка технологија. Тоа што како кадар ѝ се нуди на администрацијата, тешко дека може да помогне за потребите на информатичкото општество“, рече Бојаџиевска.

Програмскиот менаџер на Фондацијата Метаморфозис, Мила Јосифовска-Даниловска, даде конкретни детали од искуството од официјалната посета на Естонија, земја позната по дигитализирање на услугите и нивно обезбедување на квалитетен начин.

„Естонија е доказ дека дигитализацијата го подобрува животот на граѓаните. Естонците имаат дигитален идентитет, кој е достапен во формат на картичка, но и онлајн. Штом се родат, државата им создава идентитет. Дигиталната лична карта има посебен чип и биометриски ознаки и за да се користи мора да има посебен читач кој е универзален. Дигиталното гласање во Естонија започна во 2005 година“, рече Јосифовска-Даниловска, која дополнително го објасни функционирањето на платформата преку која Естонците ги добиваат речиси сите потребни услуги онлајн.

Теофил Блажевски, автор на извештајот поврзан со следење на процесот на евроинтеграции – Реформи во јавната администрација, како клучен предуслов за реформите ги посочи клучните наоди од истражувањето.

Клучни наоди од истражувањето:

  • Стратегии и акциски планови постојат и се пишуваат нови.
  • Телото за спроведување на реформи во администрацијата било активно до минатата година.
  • Правната рамка е во голема мера покриена, додека законските измени и нивното донесување се одвива бавно.
  • Ефикасноста на администрацијата останува во проблематична зона, освен нејзината евалуација. Досега таа се спроведувала формално.
  • Услугите, особено дигиталните, бележат одреден напредок за периодот 2018-2022 година.
  • Транспарентноста е традиционално добра.
  • (Пре)Вработувањето во јавниот сектор и администрацијата, формално се држи под контрола. Има низок раст со околу 905 луѓе во 2021 година.
  • Атмосферата и квалитетот во државната администрација, а не бројките – се клучни фактори за спроведување на реформите.

Целото истражување може да го прочитате:ТУКА.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...