fbpx

Реформи во железничкиот сектор нема, количеството на превезени стоки лани било намалено [инфографик]

-

Железници на РСМ-Транспорт лани со своите товарни возови успеала да превезе 1.744.000 тони стока, што е за речиси 100.000 тони помалку во однос на 2019 година. Наспроти неа, со камиони во 2020 година во земјава биле превезени 64.844.000 тони стока со вклучен транзит, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Товарниот патен превоз е во апсолутна доминација, додека железничкиот сообраќај и во 2020 година единствено ги собирал трошките првенствено од транзитот на стоки низ нашата земја, од пристаништата во Грција кон Средна Европа и обратно.

Лошата состојба во која се наоѓа товарниот железнички сообраќај не е нималку променета и за време на корона кризата. За разлика од драстичното намалување кај бројот на патници, Железници на РСМ-Транспорт бележи благо намалување на количеството на превезени стоки во 2020 година. Сепак, веќе шест години наназад, товарниот железнички сообраќај бележи под 2 милиони тони стока превезени со возовите, иако во минатото, на пример, во 2008 година, статистиката бележела дека со железницата биле транспортирани над 4,2 милиони тони стоки.

За разлика од него, со патниот товарен превоз во 2008 година биле превезени 20 милиони тони стоки, додека лани ова количество е за повеќе од тројно зголемено. Причините за преориентацијата на економијата од железница на камиони се многубројни, а се должат на состојбата во која се наоѓа железничкиот сектор во земјава. Македонија е единствена земја на железничкиот Коридор 10 во која постои монопол од државниот железнички оператор во користењето на железничката инфраструктура, што ги прави товарните возови неконкурентни во споредба со бројните транспортни фирми во патниот превоз.

Бројот на локомотиви и товарни вагони во сопственост на Железници на РСМ-Транспорт воедно е и премал за да одговори на потребите на компаниите. Железничкото претпријатие е натрупано со долгови, кои заклучно со крајот на 2020 година пораснале на околу 58 милиони евра. Дополнителни 7,6 милиони евра загуби од работењето се очекуваат во 2021 година, иако Железници на РСМ-Транспорт е обврзана дел од долговите во претстојнава година и да врати.

„Мета.мк“ веќе во неколку наврати во изминатиов период пишуваше дека ставањето на проблемот „под тепих“ нема да ја реши агонијата со најголемиот државен загубар во земјава. Самото железничко претпријатие во Бизнис планот за 2021 година наведува дека е заглавено во долгови, кои не му се отпишуваат, каматите растат, а странските железнички компании се закануваат со присилна наплата на неподмирените обврски.

Актуелната влада вети дека излезот од ваквата состојба ќе се бара во изработка на нова физибилити студија, со која треба да се определи дали Железници на РСМ-Транспорт ќе се приватизира или реформите ќе се вршат по јавно-приватно партнерство. Сепак, една Студија за бизнис сегментација на Железници на РСМ-Транспорт веќе беше изработена минатото лето, и тоа од страна на италијанската консултантска куќа „Pricewaterhouse Coopers Advisory S.r.l“.

Експертите веќе предупредија дека доколку ги отпочнеме преговорите за пристапување со Европската Унија, со отворањето на поглавјето „Транспорт“, можно е ЕУ да побара веднаш да го либерализираме пазарот на железнички услуги, од што пак најголема штета би претрпела токму Железници на РСМ-Транспорт. За Србија веќе имаше вакво барање.

Искуствата од другите земји покажуваат дека државата треба да направи јасен план што ќе се случи со заостанатите долгови на државната железница, по што да следи реструктурирање Железници на РСМ-Транспорт на три посебни фирми: една која ќе го развива патничкиот железнички превоз, вклучувајќи го и можниот развој на градско-приградска железница во Скопје, аеродромски воз итн., втора која ќе се натпреварува со приватните фирми во товарниот железнички транспорт и трета, која ќе им понуди на сите компании одржување на возниот парк од локомотиви и вагони на подрачјето на земјава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Почина Велибор Џаровски – Џаро

По кусо боледување, денеска на 75 години почина Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија. Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза...