Работодавците бараат исплатата на К15 да им биде оставена на нивен избор и да не биде задолжителна, бидејќи, како што велат, не секогаш секоја фирма е во можност да исплати К15.
Според Ангел Димитров од Организацијата на работодавци, постигната е начелна согласност со Сојузот на синдикати, преговорите за измените на општиот колективен договор за приватниот сектор во стопанството, да почнат веднаш по претстојниот конгрес на ССМ, на 21 мај.
– Тоа не значи дека ќе го укинеме К15 зашто тоа е еден вид компромис на нелогичните одредби што беа влезени во општиот колективен договор од 2007 година.Тогаш правото на К15 и на надомест за годишен одмор беше регулирано во општиот колективен договор, но не беше даден износ и предизвикуваше проблеми во имплементацијата, особено кај помалите компании и оние што имаат проблем со финансиската стабилност. Затоа пред една година одлучивме да ги одвоиме овие два надоместока, правото на К15 да се утврди во општиот колективен договор, додека правото за годишен надомест да оставиме да биде одлука на работодавците, дали ќе сакаат да го исплатат или не – вели Димитров.
Според него, треба да се одделат компаниите што се големи, во добра кондиција и кои можат да плаќаат К15 од оние што се мали и не можат да исплатат. Тој смета дека нелогично е фирмата да земе кредит и да отиде во стечај заради исплата на К15.
– Има сектори кои во своите колективни договори утврдија, висината на надоместокот за годишен одмор да биде многу повисок од 40 проценти. Тоа се добри компании. Има и такви кои ваквиот надомест го исплаќаат без проблеми и со задоволство зашто на него плаќаат само персонален данок, а не и придонеси, како и компании кои едвај исплаќаат плата, а треба да исплаќаат и надомест за годишен одмор – истакна Димитров.
Барањето на работодавците за укинување на К15 е апсолутно неприфатливо, сметаат од Синдикатот за градежништво.
– Чудно е да се најави укинување на К15 ако се земе предвид дека тоа е многу мала ставка за исплата, а голем стимул за работниците, кој би овозможил барем еден член од нивното семејство да види што е годишен одмор.Воедно, ако велиме дека одиме кон Европската унија, мора да ги утврдиме стандардите. Западниот свет го стимулира работникот, му дава верска плата, 13. плата – изјави претседателот на Синдикатот за градежништво Павел Трендафилов.