Прва еко-акција во Охрид во новата година – расчистена мини депонијата на улицата „Јордан Мијалков“

Охридските ентузијасти и екологисти кои себе си се нарекуваат „ЕКО ФАП“, во својата прва акција во 2021 година, го чистеше потегот кај „Бејбунар“ , на улицата „Јордан Мијалков“.

„Во пресрет на големиот празник – раѓањето Христово, во координација со ЈП „Охридски комуналец“, решивме да излеземе на терен и да го подигнеме кабастиот отпад на улицата „Јордан Мијалков“ („Бејбунар“, Стрелиште) со цел барем малку да се поправи ужасната слика од контејнерите покрај зградите во населбата и нормалните станари да можат барем во малку подостоен амбиент да го прослават празникот. Направивме малку, свесни сме, но без свеста на граѓаните никој нема да може да се справи со ваквата состојба. Сите знаеме дека, барем во урбаната средина, на повик „Охридски комуналец“ веднаш се одзвива и доаѓа по кабастиот отпад“, напиша на социјалните мрежи Горан Устијаноски од Еко ФАП.

Ова е веќе втор пат за само шест месеци како охридските екологисти интервенираат на оваа локација. Во јуни минатата година тие од истата локација подигнаа повеќе од десет кубни метри инертен отпад.

Пред две години директорот на ЈП „Охридски комуналец“ изјави дека депонирањето шут на овој потег се интензивирало кога се донела одлука за забрана за депонирање на градежен шут на депонијата Мауцкер, а дека од истата локација градското јавно претпријатие кое се грижи за комуналната хигиена, по договор со Фондот за комунален развој при општина Охрид, подигнало речиси 150 метри кубни градежен шут, но тоа било само времено решение.