Пронајдени остатоци од исчезнатата подморница, сите пет лица загинале

Подводните возила ќе останат во областа, а истрагата за тоа што се случило продолжува

-

Петте патници на исчезнатата подморница „Титан“ загинаа, изјави претставник на американската крајбрежна стража вечерва, соопштувајќи оти во близина на потонатиот брод „Титаник“ се откриени остатоци за кои се претпоставува оти се од подморницата.

Остатоците биле лоцирани со далечински-управувано возило за подводно пребарување на околу 480 метри од остатоците на бродот „Титаник“. Откриени биле пет одделни парчиња што им овозможило на властите да потврдат дека потекнуваат од „Титан“.

„Отпадоците се во согласност со катастрофалната загуба на комората за притисок“, изјавил Џон Маугер, командант на округот на Првата крајбрежна стража, укажувајќи на тоа дека комората во која се наоѓале патниците е уништена, јави „Гардијан“.

Како што пренесува Би-би-си, од компанијата што управува со подморницата – „OceanGate“, соопштиле дека петмината мажи биле „вистински истражувачи кои споделувале посебен дух на авантура“.

Меѓу мажите што се наоѓаа во подморницата беа извршниот директор на „OceanGate“ – Стоктон Раш (61), британскиот бизнисмен Хамшиг Хардинг (58), поранешниот нуркач на француската морнарица и познат истражувач Пол-Анри Нарголе (77) и британско-пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд (48) со неговиот син Сулеман (19).

Подморницата „Титан“ исчезна во неделата. Во моментов не е јасно што довело до нејзино уништување под водата.

Исчезнувањето на „Титан“ доведе до масивни меѓународни напори за пребарување на Атлантскиот Океан, при што со бродови и авиони беа вклучени американски, канадски, британски и француски сили.

Властите немаат одговор дали е возможно телата на петмината мажи во подморницата да бидат извлечени.

Подводните возила ќе останат во областа, а истрагата за тоа што се случило продолжува.

Подморницата „Титан“ се користела за истражување на остатоците од бродот „Титаник“. Експедициите досега вклучувале археолози и морски биолози. Компанијата која ги организира експедициите носела и луѓе кои плаќале за да ги видат остатоците од овој брод.

Потонатиот „Титаник“ се наоѓа на околу 700 километри јужно од Сент Џонс, Њуфаундленд. „Титаник“, кој беше најголемиот брод во своето време, удри во санта мраз на своето прво патување од Саутемптон до Њујорк во 1912 година.

Од 2.200 патници и членови на екипажот, повеќе од 1.500 загинаа.

Заради врнежите, водоводот во Тетово со намален притисок, а во Гостивар водата не е за пиење

Центарот за Управување со кризи информира дека во Тетово има намалено количество вода во водоводот, а во Гостивар водата воопшто не е за пиење. Јавното комунално претпријатие „Шар“ од...