Во средното медицинско училиште во Битола: Се урнал дел од таванот додека ученичка била во тоалет

Директорката Илиева за Меата.мк појасни дека проблем со затнат одвод во тоалетите на горниот спрат се јавил минатата седмица и во саботата е извршена поправка.

Фото: Општина Битола

Ученичка од средното медицинско училиште  „Д-р Јован Калаузи“ во Битола вчера е полесно повредена откако паднал таван во училишниот тоалет додека таа била внатре, за Мета.мк потврди директорката Наташа Илиева. Таа истакна дека настанот не треба да се злоупотребува од поединци и групи за добивање на партиски или политички поени и дека тоа не е во интерес на учениците и нивното подобро образование.

„Вистина е дека една ученичка била во тоалетот кога паднал дел од плафонот. Веднаш по настанот разговаравме со ученичката и, освен вознемиреност од настанот, таа немаше видливи повреди. Затоа, по нејзина волја, ученичката остана до крајот на часовите“, рече Илиева и додаде дека како директор на училиштето разговарала со ученичката и нејзините родители во врска со настанот и останува во комуникација со нив за сè што е потребно.

Илиева истакна училиштето навистина се реновирало со средства од Министерството за образование и наука, но тоалетите биле реновирани од донации по иницијатива на иселеничка во Австралија во период кога в.д. директор на училиштето била Билјана Кокалевска, и тие не биле опфатени со последната реконструкција.

„Истите се реновирани пред 4 години со средства од донации. Во овој период, не се појавил некој видлив и значителен проблем во функционирањето на истите и поради тоа не се побарани средства за нивна повторна реконструкција ниту од општината, нуту од МОН“, рече Илиева.

Директорката нагласи дека во училиштето нема стручно лице кое може да предвиди дали и кога би се случил ваков или сличен немил настан и затоа побарала од општината да испрати стручно лице кое ќе ја утврди безбедноста за користење на останатите тоалети во училиштето со цел да се превенираат вакви настани.

Општина Битола информираше дека градоначалникот Тони Коњановски контактирал со семејството на ученичката за да се информира за нејзината здравствена состојба и со општинска комисија извршил увид на местото.

Фото: Општина Битола

Од Општината информираа дека на крајот на минатата година градоначалникот ги повикал директорите на училиштата, со цел да укажат на потребите за реконструкции и интервенции, кои ги имаат објектите. Но, директорката Илиева за Мета.мк појасни дека во тој период немало потреба од интервенција. Таа рече дека проблем со затнат одвод во тоалетите на горниот спрат се јавил минатата седмица и во саботата е извршена поправка.