Вакцинацијата против ковид-19 во земјава почна со имунизирање на медицинскиот персонал што директно работи со пациентите со оваа болест. Фото: Арбнора МеметиВакцинацијата против ковид-19 во земјава почна со имунизирање на медицинскиот персонал што директно работи со пациентите со оваа болест. Фото: Арбнора Мемети

Започна процесот на имунизација против ковид-19 во земјава. Денеска во модуларната болница која се наоѓа до Клиниката за инфективни болести, здравствените работници кои работат на клиниката ја добија првата доза од вакцината на „Фајзер“, која ја добивме како донација од Србија. Според најавите, во следниве седум до 10 дена, треба да се вакцинираат сите здравствени работници со прва доза.

Прим. д-р Добринка Наунова Јовановска, инфектолог на оваа клиника, како и главната сестра Габриела Темелковска, кажаа дека се чувствуваат добро и порачаа сите да се вакцинираат за да се заштитат од ковид-19.

„Се чувствувам добро, аплицирањето беше безболно. Можам да препорачам секој од нас да ја прими бидејќи ова е единствен начин да се заштитиме од овој тип на инфекција со која се бори целиот свет. После 21 ден ќе ја примам втората доза. Имунитетот се стекнува за две до три недели откако ќе се примат двете дози. Сега ќе бидам посигурна во однос на тоа, ако дојдам во контакт со некој инфициран, многу полесно би се справила со инфекцијата. Затоа вакцината за мене е голема сигурност, ќе бидат заштитена повеќе од оние кои не примиле вакцина“, кажа докторката.

Министерот Филипче, прашан зошто не се вакцинира денеска, рече дека тоа ќе го направи со некоја од следните пратки што ќе стасаат, бидејќи сакал да им даде предност на неговите колеги кои секојдневно работат со ковид-пациенти.

„Вакцинацијата на сите вработени на Инфективна клиника ќе продолжи во следните денови, а следни се и вработените во сите ковид-центри, односно Институтот за белодробни заболувања – Козле и „8 Септември“, како и интерните клиники кои работат со ковид-пациенти. Од викендот ќе почнат да се вакцинираат и здравствените работници во болниците ширум државата. Во вчерашниот разговор со претставниците на „Фајзер“, беше кажано дека нови 4.000 дози ќе стасаат следната недела. Ќе ја започнеме и кампањата за подигање на свеста, граѓаните да знаат дека вакцините се безбедни, развиени се на безбедни платформи и дека ова е единствениот начин да ја смениме сликата на пандемијата. Кажав дека ќе се вакцинирам за да покажам дека вакцините се безбедни и дека тоа е единствен начин да се развие колективен имунитет. Не сакам да земам место на колегите кои работат директно со ковид-пациенти, од овие дози кои се броени. Ќе се вакцинирам со некоја од следните вакцини што ќе дојдат со цел да покажам на граѓаните дека тоа е тоа што треба и тие да го направат. Инаку капацитетот на овој пункт е 500 лица на ден, ние започнавме со 350. За најмногу 10 дена ќе се извакцинираат сите здравствени работници“, рече тој.

Вакцините на „Фајзер“ можат изложени да бидат на температура од 2 до 8 степени. Филипче појасни дека со еден флакон, кој се раствора со 2 милилитри физиолошки растров, може да се вакцинираат шест лица.

„Инаку процесот започнува со земање анамнестички податоци, краток преглед, па административната работа, закажување на следниот термин за ревакцинацијата после три недели. Верувам дека во следните месеци ќе имаме успешен процес на имунизација“, додаде Филипче.