Презентација на платформата „Испробување феминистички иднини 2.0“ вечерва на МОТ

Платформата ја формираше Тиииит! Инк. во 2021 година со цел преку поддршка на кревката независна сцена да придонесе кон афирмација, феминистичка едукација и развој на локалната продукција во полето на современите изведувачки уметности

фото: Тиииит! Инк. / Фејсбук

Вечерва во Младинскиот културен центар (МКЦ), во рамките на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ и Младиот отворен театар (МОТ) ќе се презентира Платформата за изведувачки уметности „Испробување феминистички иднини 2.0“.

Платформата ја формираше Тиииит! Инк. во 2021 година со цел преку поддршка на кревката независна сцена да придонесе кон афирмација, феминистичка едукација и развој на локалната продукција во полето на современите изведувачки уметности.

Годинава локален интердисциплинарен колектив – составен од архитектката и соработничка на сценски дизајн Моника Ангелевска, компаратистката и независна истражувачка за современа книжевност, филм, култура и квир прашања Грација Атанасовска, актерката и магистерка по културолошки студии Јасмина Василева, видео авторката и истражувачка на мултимедијални форми Вероника Камчевска и германистката, уредничка и преведувачка Катерина Шекутковска, развива феминистички преформанс чијашто премиера е планирано да се случи во рамки на програмата МОТ+.

„’Мачката Елеонора’ претставува колективен и интердисциплинарен проект кој допира до актуелни феминистички прашања преку преиспитувањето на можностите за радикална самоопределба и идентитетска трансформација“, велат од Тиииит! Инк.

Во рамки на презентацијата на платформата „Испробување феминистички иднини 2.0“ која Тиииит! Инк. ја реализира во соработка со ЛОКОМОТИВА – Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата, Факултетот за драмски уметности Скопје и МОТ, ќе бидат претставени фрагменти од досегашната работа на перформансот преку кои ќе може да се увидат некои од основните принципи и методи на работа на колективот.