Резолуцијата за буџетот за следната година ја усвои претставничкиот дом на САД. Со неа е предвидено намалување на трошоците за социјалните и за здравствените програми.
Буџетот за 2016 година, кој беше предложен од републиканците, во висина од околу 3.800 билиони долари, предвидува целосно укинување на американскиот дефицит до 2024 година, а кој лани достигна 2,8 отсто од БДП.
Претставничкиот дом го усвои буџетот со 228 гласови „за“ и со 199 „против“. Сите демократи гласаа против. Сенатот планира да усвои своја верзија на буџетот до крајот на неделата. Потоа двете верзии ќе треба да бидат усогласени.
Необврзувачката буџетска резолуција е документ, со кој се одредуваат насоките за донесување закони за финансии, со кои се определуваат точните средства што ќе ѝ бидат доделени на секоја федерална агенција.
Законите треба да бидат усвоени до почетокот на буџетската година, која почнува на 1 октомври. Секоја година донесувањето на овие закони води до судир меѓу републиканците и демократите, кои се малцинство и во двата дома на Конгресот. Демократите, сепак, имаат блокирачко малцинство во Сенатот.
Буџетот предложен од републиканците, меѓу другото, предвидува укинување на здравствената реформа на Обама, позната како „Обамакер“, како и скратување на некои од програмите за здравствено осигурување на најсиромашните и на лицата постари од 65 години.
Буџетот за воените операции во странство е зголемен, што беше побарано и од Обама, но на 96 милијарди долари, наместо побараните 58 милијарди.