fbpx

Претседателски кандидат во Еквадор убиен за време на изборната кампања

Сведоци на убиството изјавиле дека актуелниот конгресмен во парламентот и поранешен новинар бил застрелан три пати, во моментот кога тој се качувал во автомобил

-

Кандидатот за претседател на Еквадор, Фернандо Вилависенсио беше убиен за време на митинг од изборната кампања во главниот град Кито, јавува Би-би-си. Вилависенсио беше жесток критичар на криминалните банди и водеше кампања против корупцијата, при што беше еден од ретките кои обвинуваа високи владини претставници за врски со организираниот криминал.

По извршениот атентат во Еквадор е прогласена вонредна состојба. Сведоци на убиството изјавиле дека актуелниот конгресмен во парламентот и поранешен новинар бил застрелан три пати, во моментот кога тој се качувал во автомобил.

Осомничениот атентатор бил исто така застрелан во размената на куршуми со обезбедувањето на претседателскиот кандидат, а подоцна тој починал од повредите. Во хаосот, уште девет лица се повредени, додека полицијата привела шест лица во врска со атентатот по рациите извршени во главниот град на Еквадор.

Првиот круг од претседателските избори треба да се одржи на 20 август. Вилависенсио беше еден од осумте кандидати за претседател на Еквадор во првиот круг на изборите, иако тој не беше фаворит во изборната трка.

Минатата недела тој изјави дека нему и на неговиот тим им се заканувал водачот на банда поврзана со трговија со дрога. Актуелниот претседател Гиљермо Ласо, кој нема да се натпреварува на актуелните избори, вети дека „злосторството нема да остане неказнето“.

Минатиот месец Ласо прогласи вонредна состојба и ноќен полициски час во три провинции во Еквадор по големиот број убиства поврзани со организиран криминал. Еквадор низ историјата важеше за релативно безбедна и стабилна земја во Јужна Америка, но неодамнешниот пораст на насилниот криминал кој е поттикнат од зголеменото присуство на нарко-картелите ја промени ваквата состојба. Проблемот со бандите е централно прашање за време на овогодинешната претседателска кампања во Еквадор.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата ги растера пропалестинските активисти од зградата на универзитетот во Париз

Француската полиција денес влегла во зградата на парискиот универзитет „Сијанс По“, и ги растерала пропалестинските активисти. Група од околу 70 студенти ја окупирале зградата на Институтот за политички науки во...