fbpx

Промената на календарот на Украинската православна црква не е поврзана со нацизмот

Украинската православна црква е признаена и независна, а смената на црковниот календар е со цел да се дистанцира украинската од руската православна црква. Исто така, ваквата промена не е мандаторна, туку опционална

-

Промената на календарот на Украинската православна црква нема врска со нацизмот, ниту, пак, може да се влече паралела со нацистичката окупација на Украина во 1941 година, бидејќи во конкретниот случај Украина е нападната од Русија. Украинската православна црква е признаена и независна, а смената на црковниот календар е со цел да се дистанцира украинската од руската православна црква. Исто така, ваквата промена не е мандаторна, туку опционална – се остава простор секоја парохија самата да си одлучи за тоа кој календар ќе го следи, пишува Вистиномер.мк.

 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава  на социјалната мрежа Фејсбук во којашто се вели:

Зошто режимот во Украина ќе го слави Божиќ на 25 декември и кога претходно во историјата било така?

Во склоп на објавата се споделува видео со превод на српски јазик, во кое нараторот кажува дека „киевскиот режим исполни уште една желба на своите спонзори и премина на Грегоријанскиот календар“. Притоа се додава:

Но, тоа не е првпат. По окупацијата на Украина во 1941 година и хитлеровците го направија истото. Божиќ го преместија од 7 јануари на 25 декември. Се промени датумот и на сите останати празници. Треба да се запомни дека во рајхкомесаријатот ,,Украина” од 1941 до 1945 година е под раководство на Ерик Кох и била основана расколничка структура.

Како што денеска имаме Православна црква на Украина, така тогаш имало Украинска автокефална православна црква. По ослободувањето на Украина од германска окупација и воспоставување на советска власт во 1944 автокефалната православна црква беше забранета а календарот се врати на свое место. Така ќе биде и овојпат. Откако окупаторската власт на нацистите на Зеленски засекогаш ќе си одат од украинската земја во минатото. Тогаш и свештениците од псевдо црквата ќе се разбегаат по разни земји на светот баш како што тоа беше и по поразот на нивните нацистички покровители во 1945 година.

Во објавата се прави обид да се претстави Украина како да е режимска држава што не е вистина. Украина е независна, суверена, демократска држава, којашто има сопствено уредување, легитимна власт избрана на избори. Годинава Православната црква на Украина дозволи промена на календарот односно да се премине на ревидираниот Јулијански календар, чекор што ќе дозволи да се премести славењето на Божиќ на 25 декември. Тоа не значи дека црквата станува католичка, како што претходно се ширеа слични дезинформации, туку станува збор за избор кој ќе го имаат различните парохии кои и понатаму остануваат православни.

Православната црква на Украина на 24 мај годинава извести дека и другите празници ќе се поместат во согласност со новиот Јулијански календар што е во линија на грегоријанскиот календар, кој се користи во секуларниот свет. Традиционално православните христијани во Украина го слават Божиќ на 7 јануари, исто како и во Русија и други словенски земји. Промената, според митрополит Епифаниј, е витална неизбежност.

Прашањето се покрена како резултат на агресијата на Русија. Во денешно време, Јулијанскиот календар се перцепира како да е поврзан со руската црковна култура, вели тој.

Русија почна неиспровоцирана инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година. Руската православна црква застана зад оваа одлука на рускиот претседател, Владимир Путин. Во 2018 година  православната црква на Украина беше официјално призната од вселенскиот патријарх Вартоломеј, прв меѓу еднаквите на заедницата на православни христијани која брои 300 милиони.

Тоа претставуваше историски прекин со Украинската православна црква – Московска патријаршија, ставајќи крај на повеќе од тривековната руска духовна и временска контрола на доминантната вера во Украина. Во Украина има 30 милиони православни верници, поделени меѓу Московската патријаршија и други православни цркви, вклучувајќи ја и независната Православна црква на Украина. Повеќе од 500 парохии преминаа од Московската патријаршија во Православната црква на Украина во последните 18 месеци, пишува Радио Слободна Европа во мај годинава.

Православната црква на Украина на Фејсбук најави дека парохиите и манастирите коишто ќе сакаат да останат според стариот календар ќе ја имаат таа можност, а календарската реформа ќе се случи без наметнување, постепено и совесно.

Ги потсетуваме луѓето дека проблемот со календарските реформи долго време е дискутиран и во општеството и во црквата. Гледаме дека секоја година расте бројот на поддржувачи за оваа транзиција за модерен календар кој се користи од страна на мноштвото православни цркви долго време, се вели во соопштението на  Православната црква на Украина.

Како што извести Радио Слободна Европа, во декември на анкетата спроведена од украинската влада, речиси 60 проценти од милион и пол испитаници се изјасниле дека поддржуваат менување на датумите според Јулијанскиот календар.

Министерот за култура на Украина изрази поддршка за промената на календарот, опишувајќи го потегот како:

Соодветен за потребите на нашето време и јавното мислење.

 

Смената на црковниот календар – дистанца од Русија, поради воената инвазија на Украина

Во објавата што го рецензираме се прави обид да се претстави Украина како нацистичка, при што тврди дека, онака како што Хитлер го сменил календарот во 1941 година, така и во денешно време „нацистите го прават истото“.

Но, оваа промена во 2023 година нема никаква поврзаност со нацизмот, ниту со окупација на Украина од нацисти, туку има врска со воената инвазија којашто Русија,неиспровоцирана од никого, ја спроведе врз независна, демократска Украина. Смената на црковниот календар е автономна одлука на православните цркви и не е мандаторна, туку се остава простор секоја парохија самата да си одлучи за тоа кој календар ќе го следи. Отстапувањето од календарот е поради тоа што се сака да се направи дистанца од Русија поради воената инвазија на Украина.

Наспроти изнесеното во објавата, дека Зеленски е окупаторот кој откако ќе си замине и календарот на црквата ќе се врати на свое место, тој не е окупатор туку претседател на држава која е нападната од Русија, неиспровоцирано. Исто така, Зеленски не ја забранува, не ја репресира и не ја угнетува украинската православна црква во којашто може да биде верник секој кој ќе посака.

Од почетоктот на војната во Украина во 2014 година, Руската православна црква најнапред изрази вештачка неутралност, ама потоа потпадна на официјалниот руски наратив.

Иако патријархот Кирил не присуствуваше на потпишувањето на договорот со кој се ратификуваше руската окупација на Крим, тој јавно ги поддржа сепаратистите во Донбас и ги нарекуваше Украинците шизматици и унијати кои се борат против своите сопствени браќа. Ова значи дека патријархот Кирил и Руската православна црква ја користат својата моќ да го протежираат рускиот државен наратив и да влијаат над луѓето да ги поддржуваат руските акции.

Украина долго време ги обвинува претставниците на Московската патријаршија во Украина дека служат како продолжена рака на пропагандата на Кремљ. Безбедносните служби на Украина при претреси во неколку цркви поврзани со Московската патријаршија пронашле пропаганден материјал за поддршка на Русија.

Професор Виктор Јеленски за Си Ен Ен вели дека повеќе од 30 години раководството на Украинската православна црква, Московска патријаршија ги „труе луѓето со идеја за рускиот свет“. Тој ги оправдува претресите што безбедносните служби ги спроведувале во црквите, споредувајќи ги со сузбивањето на исламскиот екстремизам по 11 септември 2001 година.

Центарот за стратешки комуникации на Министерството за култура и информациски политики на Украина најде дека во украинската црква Московска патријаршија се шири руска пропаганда, се покриваат активности на непријателски служби и се регрутираат руски агенти.

Украинската влада, како што пренесе Ројтерс во декември 2022 година, подготвува закон со кој ќе се забранат црквите поврзани со Русија, а со цел да се спречи Москва да ја ослабне Украина однатре.

Со потег кој беше осуден од страна на Москва, Советот за национална безбедност ѝ наложи на владата да изработи закон, после серија на упади врз верници за кои Киев тврди дека може да примале наредби од Москва, откако Русија почна војна врз Украина, извести тогаш Ројтерс.

Законот предвидува религиозните организации со „управувачки центри“ во Русија да ги сменат нивните имиња и експлицитно да ги идентификуваат нивните врски со Москва. Законот им забранува на овие организации да ги испраќаат своите припадници во украинската армија. Овој закон беше оспорен пред украинскиот уставен суд, а во декември 2022 судот го прогласи за уставен. Тоа ја отвори вратата за присилно преименување.

Зеленски наложи законите да бидат донесени есента 2022 година, притиснат од неколку случаи каде свештеници од Украинската православна црква соработувале со руската армија.

Од октомври до декември 2022 година Тајната служба на Украина изведе неколку претреси на имот на Украинската православна црква и во домовите на свештенството низ земјата и нашла руска пропаганда, доказ дека некои од свештениците имале руско државјанство.

Конечно, во декември 2022 година базирано на одлуката од Советот за национална безбедност, Зеленски побара кабинетот на министри да изработи закон кој ќе ги забрани религиозните организации поврзани со Москва, со напомена дека законот мора да е во согласност со обврските на Украина кон Советот на Европа.

Поради сите горенаведени факти сметаме дека во оваа објава на Фејсбук се пропушта контекстот. Промената на календарот на Украинската православна црква, не е поврзан со нацизмот, ниту, пак, може да се влече паралела со нацистичката окупација во 1941 година во Украина, бидејќи во конкретниот случај Украина е нападната од Русија. Украинската православна црква е признаена и има самостојност, а смената на црковниот календар е со цел да се дистанцира украинската од руската православна црква. Исто така, ваквата промена не е мандаторна, туку опционална – се остава простор секоја парохија самата да си одлучи за тоа кој календар ќе го следи.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Иран со дронови го нападна Израел

Портпаролот на израелските одбранбени сили Даниел Хагари потврди дека Иранците испратиле беспилотни летала кон Израел и дека израелската држава е подготвена на сè. Во меѓувреме, американскиот претседател Џо Бајден...