fbpx

Претседателот на Судски совет: По започнувањето на иницијативата за застарени случаи, судиите решаваат предмети

-

После иницијативата за прибирање на податоци од судовите за застарените и старите предмети што не се решени во судовите на Северна Македонија, факт е дека има зголемување на бројот на решавање застарени предмети, вели претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев во разговор со новинарот на „Порталб.мк“.

– Направив акциски план и започнавме да ги посетуваме судовите, посетивме 3-4 судови, но за жал баш тогаш пандемијата не спречи, а сега по годишните празници планирам да го ажурирам тој акциски план со надеж дека пандемијата ќе се смири. Не само што бараме податоци, туку сакаме да спроведеме и детален преглед на судовите за да видиме каква е состојбата со застарените и старите случаи. Врз основа на податоците што ги добивме од некои претседатели и врз основа на нашите посети, правиме анализа за секој суд посебно и планираме некаде во октомври, заедно со претседателите на судовите да одржиме заедничка конференција на која членовите на Судскиот совет и претседателите на судовите ќе ја презентираат состојбата со застарените и нерешените случаи – вели Здравев.

Претседателот на Судскиот совет вели дека од почетокот на акцијата, има раздвиженост во решавање на старите случаи, додека очекува до крајот на годината да бидат решени сите предмети.

– Откога започна акцијата, се зголеми бројот на решавање на старите предмети, сепак, сега работиме на анализата за секој суд посебно и кога ќе ја одржиме конференцијата, јас ќе ја преземам обврската да ве известам, а во таа конференција на која ќе има состаноци лице во лице помеѓу членовите на Судскиот совет и претседателите на судовите, треба да бидат присутни и новинарите и медиумите за да можеме таа акција да ја подигнеме на повисоко ниво во интерес на судството во целина. Бидејќи, ние добивме датум за преговори и преговорите ќе бидат отворени, т.е. поглавјето 23, и ние како судство мора да бидеме подготвени да обезбедиме информации до Европската унија. Се подготвуваме сите застарени предмети да бидат решени што е можно поскоро. Не само што има циркуларно писмо, туку и телефонски ги известувам претседателите на судовите дека секој претседател треба да направи акциски план или програма во зависност од старите случаи и секој судија што ги има тие случаи треба да ја предвиди динамиката за нивно решавање – значи приоритет да им се даде на старите предмети. Цел и желба ми е до крајот на годината, таму каде има стари предмети да се решат. Претседателите на судовите треба да направат програми за решавање на овие предмети – рече претседателот на Судскиот совет.

Здравев за „Порталб.мк“ зборуваше и за оние судии кои не судат според принципот на разумно време, и како што објаснува, може да бидат разрешени доколку не судат според законските рокови.

– Врховниот суд е орган кој ја спроведува постапката ако е нарушен принципот на судење во разумен рок и тие одлучуваат. Постојат прв и втор степен. Странките можат да поднесат жалба до Врховниот суд, дури и ако самиот Врховен суд го наруши принципот на судење во разумен рок. Секторот што одлучува за кршење на овој принцип, е посебен сектор и доколку утврди дека има прекршувања на принципот, тие се должни да реагираат – вели Здравев и додава дека со новиот закон за Судски совет, секоја странка може да поднесе барање за наоѓање одговорност на судијата и тие врз основа на тоа барање формираат комисија на известувачи која мора да процени дали барањето е целосно, дали е навремено, прифатливо, основано или неосновано.

Во случај судијата да ги прекрши законските рокови, тогаш, Судскиот совет може да плати надоместок на оштетената странка, а парите ќе се земат од буџетот на Судскиот совет.

– Сепак, судијата може да се оцени со негативна оценка во случај да не ги почитува законските рокови, а со две негативни оценки следува разрешување на судијата од функција. Покрај тоа, негативната оценка не дозволува можност за напредок – објасни Здравев за „Порталб.мк“.

На крајот на декември минатата година, по повикот на тогашниот премиер Зоран Заев, Судскиот совет да ја процени одговорноста на судиите за застарување на некои предмети, претседателот Киро Здравев достави писма до претседателите на судовите за овие да ги достават податоците за бројот на стари случаи што не биле решени и застарени случаи.

Во коминикето потпишано од Здравев, се наведува дека во интерес на враќање на довербата на граѓаните во судството, во согласност со одредбите на член 36 од Законот за Судскиот совет, Судскиот совет бара известување од претседателите на судовите за број на нерешени случаи во текот на годините, видови и судии; стари кривични случаи со причината за застареност; какви мерки се преземени од страна на претседателите на судовите за решавање на старите случаи, во согласност со програмата и акцискиот план за спроведување на програмата. Овие податоци, претседателите на судовите имаа рок да го достават истиот на 27 декември.

На 15 декември тогашниот премиер рече дека ни треба суд што носи одлуки, а не суд што застарува предмети. На 1 декември, Заев предупреди на мерки против судството, велејќи дека е време да се соочат со граѓаните и да се исчистат нечесните.

Остри критики за состојбата во судството упати и претседателот Стево Пендаровски во својот говор на крајот на годината во Собранието, при што и порача на новата влада, која ќе биде избрана до предвремените избори во 2020 година, да започне со расчистување на судството, но прво со чистење на политичарите.

Состојбата на судството е прикажана со истражувањето на Меѓународниот републички институт (ИРИ), според кое 79 проценти од граѓаните немаат доверба во судството и ова е рекордно негативно ниво, што не постои во ниту една земја во регионот.

Судските реформи и понатаму се црна точка на сите претходни власти, кои не успеаја да се одвојат од политички влијанија. Пандемијата на корона вирусот ги засени овие реформи, кои покрај тоа што се важни за функционирање на владеењето на правото, се исто така неопходен услов за членство на земјата во ЕУ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...