Фото: torstensimon на Pixabay

Министерството за здравство информира дека КОВАКС системот преку допис соопштил дека првата испорака на вакцината против ковид-19 преку нивниот механизам ќе пристигне во земјава во март. Станува збор за вакцината AstraZeneca, која се произведува од фармацевтската компанија „АстраЗенека“ во соработка со Универзитетот во Оксфорд.

„Од КОВАКС информираат дека за Северна Македонија се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози од оваа вакцина, од кои околу 35 отсто треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината“, информираат од Министерството за здравство.

Ова би значело дека од вакцината AstraZeneca во првите три месеци од годинава би можеле да очекуваме минимум 36.120 дози за спроведување на вакцинирањето на населението.

„Дополнително од КОВАКС информираат дека во првиот бран на достава на вакцината Pfizer BNT162b2 се вклучени само 18 учесници, а не се вклучени земјите кои започнале сопствени програми за вакцинација против Ковид-19. Од КОВАКС механизмот изјавуваат дека во идните фази на дистрибуција дози на Pfizer вакцината може да бидат вклучени и другите учесници во механизмот“, информираат од Министерството за здравство.

Инаку, земјава спаѓа во оние земји кои водеа директни преговори со производителот „Фајзер“, и тоа за директна набавка на 800.000 дози на вакцината против ковид-19. Владата договори првите 5.850 дози од вакцините на „Фајзер“ да пристигнат месецов, а поголеми количини на вакцини да дојдат во март и април, при што обезбедени се вакцини за вакцинирање на населението од овој производител за целата 2021 година, соопштија од Владата минатиот месец.

Министерството за здравство потенцира дека системот е целосно подготвен да ги прими количините на вакцините преку КОВАКС механизмот, но истовремено обезбедува вакцини од други производители и преку други механизми, кои Република Северна Македонија треба да ги добие. За таа цел, вчера во Собранието беа изгласани измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински средства кои се однесуваат на регистрација на вакцините против Ковид-19 во земјата.

Инаку, вакцината AstraZeneca веќе беше одобрена за користење во Европската Унија од Европската агенција за лекови, а претходно дозвола доби и во Велика Британија. Оваа вакцина е направена од ослабена верзија на аденовирусот од шимпанза. Кога се инјектира во човековото тело, оваа вакцина предизвикува имунолошкиот систем да создава антитела. Вакцината се дава во две дози, при што втората доза на лицето треба да биде дадена во период од 4 до 12 недели по примањето на првата доза. Она што е позитивно за оваа вакцина е што може да се чува на вообичаена температура во фрижидери.

Нашата земја очекува да набави и 200.000 дози на вакцина против ковид-19 и од Кина.

Според утврдениот Национален план за имунизација на населението, вакцинацијата против ковид-19 ќе се спроведе во три фази. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се на првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.