Фото: Daniel Schludi на Unsplash

Британските здравствени власти ја одобрија за користење вакцината против ковид-19 на Универзитетот во Оксфорд, која се произведува во соработка со фармацевтската компанија АстраЗенека. Британската агенција за лекови даде зелено светло, соопшти Министерството за здравство во Лондон. Британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб во својата изјава рече дека глобалната пандемија бара глобални решенија.

„Обединетото Кралство и неговата научна експертиза се клучен сегмент од меѓународната борба против корона вирусот и благодарејќи на напорната работа на Универзитетот во Оксфорд и АстраЗенека, светот е чекор поблиску за да ја порази пандемијата“, изјави Доминик Раб.

Тој додаде дека Обединетото Кралство, како најголем донатор оваа година на ЦЕПИ и на КОВАКС, го предводи патот по кој ќе се осигура дека вакцините против ковид-19 ќе бидат достапни и во земјите во развој. Кралството беше домаќин на Глобалниот самит за вакцини во јуни 2020 година, а АстраЗенека се обврза дека 300 милиони дози од вакцината на Универзитетот во Оксфорд ќе стави на располагање на КОВАКС механизмот. Обединетото Кралство се обврза 548 милиони фунти да одвои за АМЦ, односно да им помогне на земјите во развој да примат вакцини, вклучувајќи ја и вакцината Оксфорд/АстраЗенека.

Инаку, Обединетото Кралство веќе ја одобри за користење и вакцината против ковид-19 на Фајзер/Бионтек, а во двата случаи стана првата земја која го одобри користењето на двете вакцини.

Вакцината на Оксфорд/АстраЗенека ќе почне да се испорачува на 4 јануари, а Обединетото Кралство ќе обезбеди 100 милиони дози од оваа вакцина доволни за вакцинирање на 50 милиони луѓе. За разлика од веќе одобрената на Фајзер/Бионтек, оваа вакцина против ковид-19 може да се складира во обичен фрижидер и не треба да се чува на многу ниска температура. Вакцината на Оксфорд/АстраЗенека е и поевтина, со што се очекува многу полесна нејзина дистрибуција, особено за земјите во развој и неразвиените земји.

Македонија преку КОВАКС механизмот обезбеди 833.000 дози вакцини со кои ќе се вакцинираат 400.000 граѓани, за што се одвоени 7,9 милиони евра и тие ќе започнат да пристигнуваат во првите месеци од 2020 година. Воедно, во јануари се очекува да стигнат и фрижидерите за складирање на вакцините на Фајзер и Бионтек, а земјава веќе доби потврда од Фајзер дека во февруари ќе ги добие првите дози од оваа вакцина. Донацијата на вакцини против Ковид-19 за нашата земја најави и Бугарија, а понуда за вакцини против ковид-19 веќе пристигнаа од Полска и Грција.