fbpx

Повторно одложено судењето за трагедијата во модуларната болница во Тетово

-

По вторпат е одложено судското рочиште за пожарот во модуларната болница во Тетово. Одложувањето се случи затоа што двајца од обвинетите, докторот Бобан Вучевски и поранешниот финансиски директор на болницата Артан Етеми, немале адвокат. Иако имаа два месецаи да си обезбедат застапник кој ќе ги брани, тие образложија дека не знаеле дека треба да имаат адвокат, пишува Порталб.мк.

Следното рочиште за овој предмет кој го води судијата Јордан Велковски, е закажано за 8 ноември во 10 часот.

Судијата им даде рок и на Етеми и на Вучевски од осум дена да поднесат полномошно за ангажиран адвокат, во спротивно судот ќе им одреди адвокат по службена должност.

Од друга страна, на судењето со адвокати присуствуваа и поранешниот генерален директор на болницата во Тетово, Флорин Бесими, како и претставници од болницата во Тетово како обвинето правно лице.

По одлагањето на рочиштето, Етеми и Вучевски не ги чекаа новинарските прашања, туку веднаш го напуштија Судот.

Во меѓувреме, Бесими рече дека преку докажување на фактите ќе ја докаже својата невиност во овој случај.

„Ви кажав и минатиот пат, повторувам, ве молам да продолжите со судскиот процес, бидејќи верувам дека со фактите што ќе се докажат ќе ја докажам мојата невиност за овој трагичен настан. За ова има неспорни докази кои ќе ги откриеме во текот на судскиот процес. Се надевам дека судскиот процес наскоро ќе започне и ќе заврши“, изјави Флорин Бесими.

На претходното рочиште кое беше одложено за денеска, отсуствуваа поранешниот финансиски директор на болницата Артан Етеми и раководителот на Центарот за ковид – Бобан Вучевски. Беше присутен само поранешниот директор на тетовската болница, Флорин Бесими. Немаше претставник ниту од тетовската болница како правно лице. Во име на болницата тогаш беа исратени овластени застапници.

Флорин Бесими и Артан Етеми се товарат по член 292, во однос на член 288 од Кривичниот законик, за дело со кое се наштетува општата сигурност.

Бобан Вучевски се товари по член 206 за кривично дело – непостапување по лекарски препораки за време на епидемија.

Клиничката болница Тетово е обвинета за загрозување на општата безбедност и непостапување согласно препораките за време на епидемијата.

За делата за кои станува збор, според Кривичниот законик, осомничените лица доколку бидат прогласени за виновни може да добијат казни затвор до 5 години.

За пожарот досега се извршени четири вештачења. Првото го изврши Министерството за внатрешни работи, кое констатира дека пожарот избувнал поради краток спој на струја во продолжен кабел што се случил при реанимација на пациент.

Второто е од Технолошко-техничкиот факултет, но нема детали за наодите. Третото вештачење е направено од електроинженер за болнички инсталации.

За четвртото, кое е германското вештачење, обвинителството рече дека не се разликува многу од наодите на експертите на Секторот за контрола на криминалистички вештачења (СКЕК).

Според досегашните информации, во текот на предистражната постапка, над 30 лекари и медицински сестри, кои ноќта кога се случи случајот биле ангажирани во тетовскиот ковид центар, биле повикани да дадат исказ пред обвинителите за случајот. Изјави дадоа и очевидци и членови на семејствата.

Страшниот пожар што ја претвори во пепел модуларната болница во Тетово, со себе однесе 14 животи на пациенти лекувани од ковид-19, но и на членовите на семејството кои беа внатре. Пред објектот целосно да изгори беа спасени 14 лица.

Пожарот во тетовската модуларната болница која сè уште не е одстранета се случи на 8 септември 2021, а Основното јавно обвинителство Тетово, по повеќемесечна истрага, на 27 јули 2022 до надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против три физички и едно правно лице.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...