Потпишан договор за реновирање на „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“

Обновата на двата дома предвидено е да трае 18 месеци

Фото: Влада на РСМ

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска потпиша договор за реконструкцијата на двата студентски дома „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје. Оваа обнова се прави во рамки на проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови, кој се реализира со пари од Германската развојна банка (KfW), од 20 милиони евра и грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.

Министерот кажа дека сите досегашни процедури за реализација на проектот ги воделе согласно правилата на Германската развојна банка.

„Обновата на двата дома предвидено е да трае 18 месеци. Предвидена е промена на водоводната инсталација и отстранување на причините за појава на влага во објектите, потоа, промена на комплетната електрична инсталација и поставување на енергетски ефикасни LED светилки, промена на инсталацијата за греење, комплетна промена на санитаријата, изработка на енергетски ефикасни фасади на објектите, поставување на фотоволтаици за производство на електрична енергија“, кажа Шаќири.