Порталб: Тетово меѓу градовите со најзагаден воздух во светот, проблемот останува нерешен

Фото: Порталб.мк

Во Северна Македонија, со доаѓањето на есента и со почетокот на грејната сезона доаѓа и проблемот со загадувањето на воздухот. Тетово и понатаму останува на светските топ листи за најзагаден воздух на глобално ниво. Нивоата на штетни честички на загадениот воздух кои ги надминуваат дозволените вредности во последниот период се зголемуваат. Овој проблем со години ги мачи тетовчани, но досега не е најдено решение, пишува Порталб.мк.

Во моментов овој град е на второто место на веб-страницата НУМЕБО како град со највисок индекс на загаденост на воздухот во светот. А според апликацијата AirCare, денеска нивото на честичките ПМ 2,5 во воздухот е високо, додека квалитетот на воздухот е лош.

Еколошките организации веќе неколку години алармираат за загаденоста на воздухот во Тетово

Според тетовските еколошки организации, загадувањето во Тетово продолжува и како проблем не е решен ниту површно. А, со доаѓањето на грејната сезона проблемот дополнително се продлабочува поради користењето горива дури и во домаќинството, што ја преоптоварува состојбата со загадениот воздух.

Нарта Каса Исени, од Движењето „Мајка и дете“ за Порталб.мк рече дека за загадувањето придонесуваат различни фактори, сите по малку. Таа вели дека бројот на општинската веб-страница каде може да се пријават загадувачи, сè уште е нефункционален.

„Треба да се активира инспекторатот во различни форми за гонење на загадувачите, но во исто време институциите треба да помогнат со различни пакети за домаќинствата бидејќи по предупредувањата за енергетска криза, мислиме дека ситуацијата ќе се продлабочи. Сепак, потребно е од некаде да се започне и да се интервенира во намалувањето на загадувањето онаму каде што е можно побрзо, како што е сообраќајниот хаос, еколошки стандарди на возилата што сообраќаат, промена на системите за греење и горивата во јавните институции, чистење на отпадот во градот и добар систем за собирање отпад, ефикасен и функционален јавен превоз“, изјави Нарта Каса Исени.

На иста линија се и од организацијата „Еко Герила“, Нгадхњим Мехмети за Порталб.мк рече дека со почетокот на грејната сезона почнува да се зголемува нивото на загаденост поради инверзија на воздухот.

„Покрај многу фактори, начинот на затоплување на домаќинствата, бизнисите и институциите се еден од клучните фактори кои влијаат на загадувањето на воздухот. Министерството за животна средина изминатите години реализираше проект за субвенционирање на инвертери како замена за греење на дрва, со цел да се намали загадувањето. Но, во сиромашните земји како Северна Македонија, греењето на струја е луксуз, особено сега кога се најавува глобална енергетска криза“, изјави Нгадхњим Мехмети.

Ковид-19 пандемијата само го продлабочува проблемот и компликациите од загадениот воздух

Од медицинска гледна точка, според др. Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија, ова е многу сериозен проблем за тетовчани, кој со пандемијата ковид-19 се влошува.

„Според една студија, Тетово е на прво место по бројот на смртни случаи од загаден воздух за периодот околу 2013 до 2016 година. Комбинацијата на загадениот воздух и ковид-19 го зголемува ризикот од посериозни форми на компликации, некаде од 40 до 50 проценти. Комбинацијата на „ковид“ и загадувањето на воздухот има многу лош ефект, честичките ПМ10 на некој начин ќе придонесат како носител на вирусот длабоко во човечкиот респираторен тракт“, изјави Ратко Давидовски.

Како експерт по екологија за Давидовски, проблемите и препораките остануваат исти, и истакна дека гасификацијата ќе придонесе многу за подобрување на состојбата со загадениот воздух.

Гасификацијата како фактор кој би влијаел позитивно за намалување на загадувањето на воздухот го посочи и Нгадхњим Мехмети од „Еко герила“.

„Она што со години се ветува од владите, а не се реализира е мрежата за гасификација. Ако не домаќинствата, во тој случај јавните објекти како што се училиштата, болниците и големите бизниси, доколку почнат да се греат на гас, тоа би било голем чекор за намалување на загадувањето“ рече Нгадхњим Мехмети.

Работите за гасификација за Тетово течат, но сè уште овој процес не е доведен до фаза на завршување. Во близина на тетовското село Фалиште изградена е мерно-дистрибутивна станица за гас. При крај е и изградбата на преносната мрежа која се очекува да биде завршена до крајот на годинава. А, од средината на следната година се очекува истата да биде пуштена во употреба. Општина Тетово треба да формира јавно претпријатие специјално за гасификација, бидејќи секој град кој е вклучен во овој процес има свое претпријатие за гасификација, додека централното претпријатие е во Скопје.

Кои се плановите на новото раководство на Тетово за екологија?

Новоизбраниот градоначалник на Тетово Билал Касами во изборната програма за управување со Тетово, односно на страниците 25-26 предвидува дека ќе се заложат за успешен еколошки систем со програма и долгорочна стратегија за натамошен развој на целите за зачувување на природата и животната средина.

Таму се ветува дека тоа ќе се направи преку:

  • Поттикнување на производството на енергија од обновливи извори,
  • Изградба на фабрика за рециклирање отпад,
  • Детален распоред за канти за отпадоци,
  • Среднорочен план за проширување на зелените површини,
  • Финансиски санкции и законска одговорност за сите кои ја загадуваат животната средина и фрлаат отпадоци,
  • Годишно финансирање за еколошки невладини организации,
  • Поставување на еколошка опрема за движење на одредени места во градот,
  • Субвенции за набавка на електрични велосипеди и скутери,
  • Субвенционирање на инвертери и соларни панели,
  • Редовен мониторинг на загадувачите на животната средина,
  • Чистење и миење на булевари, коловози и тротоари,
  • Акционен план за еколошки едукативни активности.

Дали овие ветувања ќе се остварат или не во пракса, останува да видиме во периодот што следи. Засега не може да се каже дека е доволно направено на овој план, како пример може да се земе механизацијата на ЈКП „Тетова“ каде некои од нив се многу стари, а додека го чистат отпадот го загадуваат воздухот повеќе, иако неодамна оваа компанија беше снабдена со нова и поеколошка механизација, сепак истите не се доволни да ја покријат целата територија на Тетово.

Загадениот воздух, проблем на целата држава, не само на Тетово

Дека овој проблем е доста сериозен и опасен за нашата држава вели и Последниот извештај на Европската Комисија за напредокот на реформите во Северна Македонија. Во извештајот јавно се нагласува дека земјата треба да го зголеми износот на финансирање и на локално и на национално ниво за да се намали загадувањето на воздухот, што останува сериозна загриженост.

Во меѓувреме, од Владата на РСМ рекоа дека тие се надеваат дека градењето капацитети и подетално регулирање на обврските ќе има ефект против загадувањето на воздухот во блиска иднина. Во овој контекст, една од главните измени на Законот за воздух е поврзана со обврските и точната координација на органите на локалната и централната власт, која ќе биде утврдена со прецизни планови и задолжителни мерки.

Владата оваа есен најави создавање зелен фонд за борба против загадувањето на воздухот и климатските промени во износ од 36,3 милиони американски долари, но за негово спроведување во реалноста ќе бидат потребни пари од Глобалниот заеднички фонд за цели за одржлив развој на Обединетите нации.

Инаку, според Светската здравствена организација, загадувањето на воздухот е една од најголемите еколошки закани за здравјето на луѓето, а тоа следствено предизвикува седум милиони предвремени смртни случаи годишно.