Судирот на интереси претставува ситуација во која едно лице или организација е вклучена во повеќе интереси, финансиски или други, и дејствувањето за еден интерес може да подразбира дејствување против друг. Судирот на интереси не се смета како корупција, но доколку приватните интереси и јавните должности на службените лица се управуваат погрешно, постои можност да настане корупција. Со други зборови, судирот на интереси може да му претходи на корупцијата, или да претставува поволна „средина“ што може да доведе до корупција дури и од повисоки нивоа. Со овие неколку реченици може да се објасни што е судир на интереси кој Северна Македонија го надгледува и носи одлуки за јавни функционери и што претставува Комисијата за спречување на корупцијата, пишува „Порталб.мк“.

Страните што побарале мислење, бидејќи не им било јасно дали во текот на именување во некоја друга функција може да има судир на интереси, за период од 15 дена треба да информираат како постапиле. Доколку не постапат согласно даденото мислење, тогаш следуваат други соодветни постапки. Барањата за мислење адресирано до Комисијата за спречување на корупцијата, не се само формални, туку во 99 отсто од случаите се дејствува според даденото мислење, велат од Антикорупциска Комисија.

Членот на Комисијата за спречување на корупцијата, Шемши Салаи, за „Порталб.мк“, вели дека освен барањата што доаѓаат самоиницијативно, Комисијата разгледува и други случаи пласирани од медиумите, по допрен глас од различни граѓани или воочени од самата Комисија.

Државната комисија за спречување на корупција, ДКСК, е должна да донесе одлука за постоење или непостоење на судир на интереси во рок од 30 дена по изјавата на субјектите, односно по проверката на тврдењата.

„Во сите барања за мислење во кои сме констатирале дека одреден поединец е во судир на интереси, секогаш сме барале да се излезе од судирот на интереси во период од 15 дена и да не известат за тоа, во случај да не се постапи согласно ова, се преземаат понатамошни мерки. Но, во суштина, од сите предмети што сме ги имале, можеби има еден или два случаи во кои не е постапено според препораките што ги имаме дадено“, вели Шемши Салаи, член на Комисијата.

Според него, во текот на периодот 2019-2020 година, прашањето на судир на интереси е сфатено многу сериозно и луѓето дејствуваат според нивните препораки. На прашањето во кои области има повеќе судир на интереси, Салаи не специфицираше определена област, но рече дека се од секоја можна област, а тоа што е важно, вели тој, е дека судирот на интереси во повеќето случаи не се случува во позиции каде што може да се воочи, односно се случува во позиции што не се многу познати за пошироката јавност.

Што се однесува до прашањето, ако судирот на интереси се случи повеќе во случаите кога се работи за познати лица во јавноста или обични поединци, Салаи вели дека, тоа што се знае со сигурност е дека лицата инволвирани во судир на интереси обично припаѓаат односно се дел на некоја политичка партија и именувањата во функции во кои судирот на интереси е воочлив се многу ретки.

„Зависно од позициите што ги имаат, има од оние што се јавни, што се познати за јавноста, но и поединци кои не се јавни личности. Но, секако дека тие припаѓаат на некоја политичка партија, и се поединци коишто ги именуваат во тие функции, бидејќи иако се објавува јавен повик за именување во определена позиција, тие сепак се именуваат вон тие рамки или како вршители на должност“, вели Салаи.

Дали судирот на интерес се случува свесно или поради незнаење?!

Во однос на ова прашање, Салаи вели дека во повеќето случаи тоа е поради незнаење, затоа и одговорните лица, доколку се сомневаат во овој дел, бараат мислење од Антикорупциска и потоа постапуваат според тоа.

„Врз основа на сите предмети што сме ги имале, ако ги анализираме како целина, во повеќето случаи тоа се случува несвесно, затоа велам дека постапуваат согласно препораките кои ние им ги даваме, за да излезат од судирот на интереси. Но, има и случаи кога целосно се свесни дека може да има судир на интереси. Некој бара мислење пред изборот, за да знае дали има судир или нема, така што не се постапува спротивно на нашата препорака. Ретки се случаите кога некој се повикува на закон, дека наводно му следува да биде во некоја функција“, вели тој.

Повикувањето на некој друг закон се случува во спротивност со Законот за спречување на корупција и судир на интереси, каде што во член 6 став (2) се вели дека никој не може да се повика во спроведувањето на некој закон или друг правилник со кој ќе се ограничи или исклучи јавноста за да се скрие корупцијата или судирот на интереси.

Исто така, не може да се амнестираат едноставно поради фактот што не знаеле дали има или нема судир на интереси, кога Законот обврзува, во случај кога постојат сомнежи, задолжително да се побара мислење од Комисијата за антикорупција.

Член 72, став(3) гласи: „Во случај на сомневање за судир на интереси, службеното лице е должно да побара мислење од Државната комисија“.

Во периодот од февруари до октомври 2020 година, Комисијата за спречување на корупцијата разгледала 19 барања за мислење. Кај 5 од нив, констатирала дека постои судир на интереси, затоа побарала да се повлечат од судирот, додека кај 10 од нив заклучила дека нема судир на интереси.

Кај еден случај е побарано мислење дали има случај на судир на интереси во Државниот архив на РСМ, а Комисијата побарала дополнителни информации од оваа институција. Во еден друг случај, Комисијата нема дадено мислење за судир на интереси, но објаснила можни ситуации во кои може да постои судир на интереси, во случајот кога одреден раководител на некој сектор во општинска администрација, постапува по предмети што се оценуваат од некој близок. А во друг случај, Комисијата побарала од еден директор на училиште да ја прекине постапката што беше започната за вработување на двајца негови семејни членови, пред да се вклучи во судир на интереси.

Како Законот го објаснува судирот на интереси?

Според Законот, член 2, став (3), судирот на интереси се дефинира како состојба во која службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае во непристрасното вршење на неговите јавни овластувања или службените обврски.

Судирот на интереси може да има неколку форми:
• Можниот судир на интереси е состојба во која приватните интереси на службеното лице во иднина може да предизвикаат појава на судир на интереси или наводен интерес, доколку службеното лице биде вклучен во одредени задачи и одговорности.
• Наводниот (перципиран) судир на интерес е состојба во која личните интереси на службеното лице во вид или форма изгледаат како да влијаеле, влијаат или може да влијаат неправилно врз обврските. Но, во суштина не се случило, не се случува или нема можност да се случи начин.
• Фактички судир на интерес подразбира состојба во која приватните интереси на службеното лице влијаат, влијаеле или може да влијаат во вршењето на неговите службени обврски или одговорности на неправилен начин.
• Судирот на интереси „случај до случај“ е состојба со судир на интереси во еден трите можни вида: фактички, можен, или наводен, што се појавува или е во врска со посебно одлучување.

Што предвидува Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси ако не се спроведат препораките на Антикорупциска?

Според предметниот Закон, доколку службеното лице во рок од 15 дена не ги достави бараните докази или информации од ДКСК за имотната состојба, или во овој случај за судир на интереси, член 111 од овој закон предвидува, „Глоба од 200 до 400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на службено лице, кој, после барањето на Државната комисија, кога постапува во еден случај во кој е вклучено тоа лице, не достави анкетен лист за имотната состојба и изјава на интерес.

Според членот 107, се предвидува глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност за службени лица на некое претпријатие или друго правно лице што има државен капитал на располагање доколку: учествува или одлучува во постапката за избор, именување или вработување или е вклучен како член на органот што ја спроведува таа постапка и нема да го извести раководителот на институцијата во која го врши јавното овластување за сите постапки што можат да предизвикаат судир на интереси.

За различни форми на директен или индиректен судир на интерес постојат и други глоби, што се движат од 200 до 1.000 евра.

Според Законот за спречување на корупција и судир на интереси, член 4, став (3), службеното лице во вршењето на неговата функција е принудено да посвети внимание на можниот судир на интереси и при вршењето на јавните овластувања и должности, не треба да се води од личните, семејните, верските, партиските и етничките интереси, ниту од притисоците и ветувањата од лидери или други лица.

Правните акти, се вели во Законот, што се резултат на корупција или судир на интереси или се усвоени, односно се донесени заради корупција, т.е. во состојба на судир на интереси, се ништовни.

Европската комисија во Извештајот од 6 октовмри оваа година повика на посилно спроведување на регулаторните и институционалните системи за интегритет и судир на интереси, дизајнирани да ги идентификуваат и да се справат со корупцијата, соработката и лажните практики. Бројот на извештаи поврзани со интегритетот, според проценката на ЕК, е сè уште многу мал и недостигаат соодветни истраги и санкции.