fbpx

Порталб ретроспектива на годината: Јавната администрација никако да се реформира

-

И покрај тоа што со години се даваат истите ветувања кои не се реализираат и не стануваат видливи за граѓаните, Северна Македонија продолжува со напорите за реформирање на администрацијата. Јавната администрација во 2022 година, исто како и во 2021 година, беше во центарот на критиките поради бавната динамика на реформите. Администрацијата сè уште се соочува со партизација на институциите и недостаток на стручен кадар, како и со неефикасни услуги и делумно дигитализирани процедури, пишува Порталб.мк.

Најголемиот проект што го ветуваат тројца министри е „реорганизацијата“ која треба да заврши во 2024 година.

Главниот проблем на администрацијата е големиот број на институции. Mакедонија има вкупно 1.299 државни институции, бројка која се смета за превисока и која државната каса ја чини многу. Власта најавува дека со „реорганизацијата“ ќе се намали бројот на институциите, и тоа преку затварање на оние кои немаат вработени, но и преку спојување на институциите кои имаат слични или исти надлежности.

Но, овој проект не предвидува откази за вработените. Од меѓународниот фактор нема веќе критики дека јавната администрација е пренатрупана со вработени. Сега се зборува само за департизацијата на јавната администрација, ветување дадено од секоја партија и секоја влада, но сепак, вработувањето на „партиски војници“ по институциите продолжува.

Колку е тешка департизацијата на администрацијата најдобро кажа министерот Адмирим Алити, кој на еден јавен настан изјави дека „главниот плен што го добиваат партиите при преземањето на власта се високите лидерски позиции во сегашната констелација и поради тоа, усвојувањето на законот и усогласувањето на мислењата на сите политички чинители оди бавно“.

Со овој закон се предвидува директорите во надлежните институции да се избираат по мерит системот или според заслуга и транспарентно, а не да се поставуваат неписмени лица на местата на раководители во институции кои се важни за функционирањето на државата и влијаат на квалитетот на животот на граѓаните.

Скептицизам за усвојувањето на овој закон изрази и граѓанскиот сектор, имајќи ги предвид партиските интереси за преземање на раководните места, без да се внимава на квалификациите на нивните кандидати.

Во меѓувреме, сè уште не се усвоени ниту другите два закона кои исто така предвидуваат реформа на администрацијата, а тоа се Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници. Овие закони владата ги ветуваше со години, но од ноември 2020 година тие се во системот „ЕНЕР“ и досега се објавени неколку нивни верзии. Наместо партиски именувања без никаков критериум, синдикатот на администрацијата побара првенствено да се усвои Законот за висока раководна служба или професионални директори.

Оваа година MИОА се откажа од иницијативата која ја започна министерот Дамјан Манчевски за трансфер на вработените од јавниот во приватниот сектор. Претходно, МИОА се откажа и од документоматите.

Во меѓувреме во подготовка е Стратегијата за реформирање на јавната администрација 2022-2030 која треба да се усвои во месец јануари.

Што се однесува на дигиталната трансформација, Северна Македонија има долг пат пред себе. Иако земјата веќе има направено одредени реформи во оваа насока, сè уште ја чека доста работа. Ова е констатирано во Последниот извештај за 2022 година за напредокот на Северна Македонија во нејзиниот евроинтеграциски пат. Извештајот ги истакнува недостатоците на кои земјта треба да работи, како и точките во кои има напредок.

И истражувањата на Порталб.мк покажаа дека резултатите од извештаите, анализите и анкетите на меѓународните и домашните институции, но и на невладините организации, не се само критика на хартија, туку сериозен проблем во секојдневниот живот на граѓаните кои талкаат по шалтерите за еден одреден документ.

Покажавме дека институциите во РСМ многу малку комуницираат преку Платформата за интероперабилност која предвидува размена на податоци преку електронските системи со цел нудење на брзи и ефикасни услуги. Податоците кои ги обезбеди Порталб.мк, покажуваат дека генерално сите институции од Платформата бележат намалување, наместо зголемување во извршувањето на трансакциите.

Дигитализацијата на матичните книги, која се најавува со години наназад, сè уште не е завршена. Според најавите, до крај на 2023 година треба да се направи целосна дигитализација на матичните книги.

Со реорганизацијата треба да се формираат и Aгенцијата за дигитализација и Агенцијата за сајбер безбедност. Двете агенции се од големо значење, како за олеснување на услугите на граѓаните, така и за безбедноста на податоците во период кога нашата земја сè повеќе и повеќе е мета на хибридни напади. Но, и за овие две агенции не се знае кога ќе се формираат.

Во 2023 година треба да продолжи процесот на реорганизација, дигитализација како и да се усвојат најавените закони за реформи.

Истражувања на Порталб.мк:

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Наредба за истражна постапка против 28-годишен жител на селото Непроштено, Општина Теарце, кој е осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка, донесе Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Во...