Фото: Архива на Мета.мк

Министерството за правда очекува наскоро да бидат одобрени законските измени на Кривичниот законик, кои се веќе доставени до Владата. Портпаролот на Министерството за правда Александар Видиновски за Порталб.мк изјави дека предлогот за законски измени, во кој е предложено нападот врз новинари да се третира како напад врз службено лице, е ставен во регистарот на регулативи и е само прашање на денови кога истите ќе бидат одобрени од Владата, пишува Порталб.мк.

„Законските измени во Кривичниот законик се пратени до Владата, ставени се во Единствениот национален електронски регистар, и тоа е делот кога многу засегнати страни можат да дадат свои мислења и забелешки за евентуални подобрувања на законот. Процесот е при крај и се очекува Владата наскоро да гласа за тоа, а потоа да го достави до Собранието, каде исто така се очекува измените да бидат усвоени со акламација“, рече тој.

Првично беше најавено дека измените ќе се најдат пред пратениците во втората половина на мај. Но, според Видиновски, процесот е забавен, бидејќи има многу засегнати страни.

„Целиот процес е при крај, само оди малку бавно, бидејќи има многу засегнати страни и многу невладини организации, кои секако имаат свое мислење за предложените законски измени и секако дека ќе се разгледаат нивните мислења за тоа, бидејќи целта е процесот да биде инклузивен и сите да бидат задоволни од промените. Сепак, делот во кој се предвидува дека нападот врз новинар или медиумски работник значи сниматели, ќе се третира како напад врз службено лице, останува во секоја комбинација“, рече тој.

Измените и дополнувањата на Кривичниот законик за новинарите се иницирани од Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ) во соработка со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), со кој нападот врз новинарите и медиумските работници ќе се третира како напад врз службено лице.

Ова, според нив, ќе ја олесни постапката, а Министерството за внатрешни работи и Обвинителството дефинитивно ќе мора по службена должност да ги гонат оние што се осмелуваат да напаѓаат, малтретираат или да им се закануваат на новинарите. ССНМ уште од 2017 година подготви анализа со конкретни препораки и измени на законот.

Покрај измените на Кривичниот законик, со измените и дополнувањата на Законот за граѓанска одговорност се предлага и намалување на надоместокот за клевета и навреда до 10 пати.