Фото: Еуромакс Рисорсис

Поранешниот концесионер на неизградениот рудник во Иловица, „Еуромакс Рисорсис“ апелира темата да не се користи и злоупотребува во каква било изборна конотација.

Канадската компанија, на која Владата на ДУИ и СДСМ ѝ ја одзеде концесијата за експлоатација на рудникот Иловица, за што во моментов се води спор пред Управниот суд, упати апел до политичарите во текот на изборната кампања да се воздржат од коментари за проектот, затоа што е можно да влијаат на работата на судството и правната процедура која се одвива во надлежниот суд, каде се очекува правна разврска на случајот со рудникот Иловица.

Реакцијата на „Еуромакс Рисорсис“ доаѓа откако вчера лидерот на Социјалдемократскиот Сојуз Зоран Заев, на средба со локалното население во струмичко се пофали дека СДСМ го одржа зборот дека рудник кој ја загрозува животната средина и природата во тој крај нема да има и ги повика жителите на струмичките села да бидат спокојни.

На изјавата на Заев ѝ претходеше предизборното обраќање на Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ од Пробиштип, каде тој најави дека неговата партија ќе отвора нови рудници и нови работни места во рударската индустрија доколку дојде на власт. И во Изборната програма на партијата меѓу другото стои дека: „Само за периодот 2021 – 2022 година планираме годишно да доделуваме најмалку по 1-2 концесии за експлоатација на металични минерални суровини (бакар, злато, сребро, олово, цинк, молибден и др.)“.

Канадската компанија „Еуромакс Рисорсис“ во својата писмена реакција вели дека сме морале да ја прифатиме реалноста дека се работело за потенцијално најголемата гринфилд странска инвестиција во земјава што ќе донесе значајна економска корист и благосостојба за сите граѓани, особено за жителите во струмичкиот регион и преку 500 нови вработувања во тој рудник. Од „Еуромакс Рисорсис“ инсистираат дека проектот Иловица ќе биде модерен рударски комплекс што ќе се гради и ќе биде опериран согласно највисоките европски и светски стандарди.

Инаку, прашањето за рудникот Иловица ја бранува јавноста веќе неколку месеци наназад. Јавноста од самата компанија „Еуромакс Рисорсис“ дозна дека во екот на кризата со епидемијата на ковид-19, Управниот суд на 31 март годинава, донел одлука со која ја поништува одлуката на Второстепената владина комисија која минатата година во октомври ја одби жалбата на „Еуромакс“ на одлуката за одбивање на барањето за дозвола за експлоатација. Судот оваа одлука ја објави на својата веб-страница дури еден ипол месец подоцна, откако „Еуромакс“ самите се пофалија за неа.