fbpx

Поради загадувањето од „Дрисла“ во реката не можете да најдете ниту жаби ниту змии, велат жителите на Батинци

Депонијата „Дрисла“ беше во центарот на вниманието по алармирањето од страна на жителите на Батинци за палење на отпадот и за загадување на реката во близина на селото. Тие чекаат решение за овој проблем, а во спротивно, како што велат, ќе продолжат со протести, пишува Порталб

-

Депонијата „Дрисла“ во Скопје е фатена на дело како ја загадува животната средина, а здравствените и еколошките, како и земјоделските последици од тоа ги чувствуваат граѓаните. Од друга страна, надлежните власти не преземаат никакви мерки. Вака пред камерата на Порталб.мк изјавија дел од жителите на селото Батинци, кое се наоѓа во близина на депонијата. Тие неколкупати протестирале со барање депонијата да ги исполнува европските стандарди.

74-годишниот Дестан Реџепи вели дека во „Маркова Река“, која неодамна беше загадена со отпадни води од Дрисла, не можете да најдете живи суштества, иако порано имало многу жаби, змии и птици.

„Таму имам оставено незасадени 5 хектари земја, сè поради депонијата, лошата миризба, не можам да одам да работам, очите ме печат, ми се повраќа. Не само јас, туку сите ги имаат оставено нивите поради лошата миризба од депонијата. И да садиме, ништо од тоа што ќе се произведе не се јаде, тоа мириса. Прошетај покрај реката, не можеш да најдеш ниту една жива жаба или змија, а овде порано не можевме да спиеме од жабите. Ги снема, не остана ниту една птица. И враната ако се напие вода од таму ќе угине. Голема штета, зашто не најдат едно решение за таа вода“, вели Дестан Реџепи од Батинци.

Друг жител на селото вели дека бил принуден да ги продаде своите крави откако некои од нив угинале од водата што ја консумирале од „Маркова Река“.

„Ние тука сме одгледувале животни повеќе од 100 години, сега имаме проблем затоа што пијат вода (од загадената река) и угинуваат. Мене ми угинаа животните и поради тоа ги продадов 50-60 крави што ги имав. Водата ја користиме и за наводнување, но таа е полна со отров. Дефинитивно треба да преземат нешто, или да ја средат, или да ја затворат. Ние ќе продолжиме со протести“, вели друг жител на Батинци.

Има и луѓе кои се жалат дека депонијата е причината што тие имаат здравствени проблеми. Својата приказна за Порталб.мк ја раскажа еден од жителите, кој рече дека има проблеми со срцето поради загадувањето од депонијата.

„Се разболев и отидов на лекар. Тој ме праша дали работам во депонијата, реков не, не работам таму, но мојата куќа е наспроти депонијата. Докторот ми рече продај ја куќата и бегај од таму затоа што ти си многу болен од депонијата и три пати сум опериран. Имав операција на срцето, докторот ми тече рече полн си со отрови“, вели еден жител на Батинци.

Маркова река / Фото: Порталб.мк

На почеток на месецов депонијата „Дрисла“ беше во центарот на вниманието по алармирањето од страна на жителите на Батинци за палење на отпадот и за загадување на реката во близина на селото. По извршениот увид, од Испекторатот констатираа дека „Дрисла“ ја загадила водата затоа што отпадните води без да ги филтрира ги испуштила во реката, додека пак за палењето на отпадот не е констатирано дека е намерно предизвикан.

„Од една акредитираната лабораторија земени се мостри од три места за анализа на водата од „Маркова Река“, заедно со една дополнителна мостра која е доставена од жителите на Батинци. Лабораториските испитувања покажале дека некои од параметрите се во границите на максимално дозволените концентрации, а пак некои параметри биле над дозволените и не се во согласност со Правилникот за условите, начинот и граничните вредности на емисија за испуштање на отпадните води по нивното пречистување“, велат од Инспекторатот за животна средина.

Поради ова инспекторатот предложил на депонијата да ѝ се изрече парична казна до 120.000 денари, но „Дрисла“ не го потпишала записникот и поради тоа ќе се покрене судска постапка  на која ќе треба да се определи висината на казната.

Екологот Африм Османи нагласува дека надлежните не преземаат мерки да го спречат загадувањето од „Дрисла“, а во меѓувреме големи штети трпат и земјоделските култури, затоа што од загадувањето земјиштето станува неплодно.

„Депонијата „Дрисла“ предизвикува и загадување на водите и на земјиштето околу неа, како што е конкретниот случај со „Маркова Река“. Тоа директно влијае на земјоделското производство и земјоделските култури. Бидејќи загадувањето на земјиштето е од највисок степен, до тој степен за кој немаме една претстава колкава може да биде штетата врз тоа земјоделско земјиште, тоа всушност станува неплодно и не ги дава соодветните плодови. Освен земјиштето, населението ја употребува и водата, која исто така како резултат на неконтролираното загадување од депонијата „Дрисла“ е загадена вода. Производството или земјоделските плодови што се произведуваат во тој дел со загадени елементи, било од загадената земја или од загадената вода, нормално дека нема да бидат здрави за конзумирање“, вели за Порталб.мк екологистот Османи.

Порталб.мк разговараше и со градоначалникот на Општина Студеничани, Азем Садику, кој меѓу другото истакна дека општината нема никакви надлежности за управување со оваа депонија, но ја сподели и својата загриженост околу тоа што депонијата не ги задоволува стандардите и дека жителите со право се револтирани.

„Ние како општина, освен последиците и штетите од таа депонија, немаме никакви законски овластувања да интервенираме или да преземеме мерки. Како градоначалник на општината нормално дека сум многу загрижен што сите тие последици ги трпат жителите на нашата општина, посебно жителите на Батинци, каде што депонијата „Дрисла“ е многу блиску. Градот Скопје и депонијата „Дрисла“ не стопанисуваат како што треба, тие ни одблиску не ги исполнуваат предвидените законски стандарди, почнувајќи од селекцијата или покривањето на отпадот, па сè до согорувањето на медицинскиот отпад“, рече Садику.

Тој вели дека од надлежните власти на Град Скопје неколку пати побарал да седнат и разговараат за проблемот со Дрисла, но дека од нив не добил никаков одговор.

„Апелирам до нив да најдат време да седнеме и да разговараме и да ни кажат каков е планот на Град Скопје, дали планираат да ја модернизираат или да преземат нешто и да престане оваа штета што им се предизвикува на жителите на нашата општина, вели Садику.

Порталб.мк неколку пати, преку телефон, е-маил, смс пораки, но и преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се обиде да добие став од надлежните на „Дрисла“ за овој инцидент, но ниту директорот, а ниту другите служби не објаснуваат како може на депонијата која поседува интегрирана еколошка дозвола А да ѝ се случи еден ваков катастрофален инцидент, односто да испушти непрочистена вода во реката.

Во меѓувреме жителите чекаат решение за овој проблем, а во спротивно, како што рекоа, ќе продолжат со протести.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руско Министерство за одбрана: Соборени 68 украински беспилотни летала над Краснодар и Крим

Армијата синоќа пресретнала 68 украински беспилотни летала во јужниот руски крај Краснодар и Крим, соопшти руското Министерство за одбрана. Според тоа министерство, 66 беспилотни летала биле соборени над територијата на...