Заврши третото издание на Скопскиот поетски фестивал

Шест странски и над 60 домашни поети настапија пред публика од околу 500 присутни

фото: Скопски поетски фестивал

Со соло концерт на гитара на Александар Бошков и гостинот Ади Имери синоќа заврши третото издание на Скопскиот поетски фестивал. На соло концертот му претходеше интернационално поетско читање на кое настапија поетите Марам ал-Масри од Франција/Сирија, Имануел Мифсуд од Малта, Лана Деркач од Хрватска, Мартин Глаз Серуп од Данска, Драгослав Дедовиќ од Србија, Ален Брлек од Хрватска и Николина Андова Шопова од Македонија.

Настаните на Скопскиот поетски фестивал се одвиваа на неколку локации во главниот град – во Младинскиот културен центар (кино „Фросина“), градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и кафе-книжарницата „Буква“.

Шест странски и над 60 домашни поети настапија пред публика од околу петстотини присутни, соопштија од Скопскиот поетски фестивал.

Дел од програмата на фестивалот беа и промоции на книги, изложба на фотографии, поетски филмови, а се одржаа и работилница за креативно пишување поезија, панел-дискусија за зголемување на видливоста на македонската книжевност во странство  и јога во природа со поетска медитација.