Поради плагијат МКЦ ја промени одлуката за победникот на конкурсот за 50 годишнината

Новото победничко решение на Конкурсот за 50 години МКЦ Скопје | Фото: Твитер профил, @chackalitza

По јавното објавување на резултатите од конкурсот за идејно-графичко решение по повод јубилејот „50 години МКЦ“, според кои визуелното решение на Милан Димитриев беше избрано за најдобро, Младинскиот културен центар го промени победникот на конкурсот.

Од МКЦ соопштија дека оваа одлука е донесеена откако во јавноста е посочена веб-страница од каде што прворангираниот целосно ископирал и преземал визуелно решение.

„Со тоа, прворангираниот не го испочитувал критериумот за оригиналност и автентичност и условот екплицитно наведен на Конкурсот кој гласи: предложеното решение мора да е оригинално авторско дело т.е. да не содржи елементи од туѓи авторства“, нагласија од МКЦ.

Поради тие причини, Милан Димитриев се дисквалификува, а визуелното решение на второрангираниот Гоце Велески се смета за победник на конкурсот на кој пристигнаа 51 апликација со визуелни решенија.