Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, денеска се сретна со својот колега од Унгарија, Петер Сијарто. На средбата министрите разговаралe за билатералните односи, европската и за евроатлантската интеграција на Македонија и за актуелниот проблем со мигрантската криза.

Како што пишува во соопштението на Министерството за надворешни работи, на средбата било договорено во наредниот период да се посвети повеќе внимание на зајакнување на економско-трговската соработка меѓу двете држави.

Во контекст на мигрантската криза, се разговарало за помошта што Македонија ја добива од Унгарија во насока за справување со предизвикот. Министерот Попоски истакнал дека е потребно да се има заеднички пристап од сите европски партнери, без да биде на штета на која било земја членка на ЕУ, за да се избегне ситуација притисокот од мигрантската криза да се пренесе врз земји што не се членки во ЕУ, но се наоѓаат на мигрантската рута.

„Денес, Македонија почитува и имплементира одлуки на Советот на ЕУ, а не е земја членка ниту се почнати преговори. Во интерес на Македонија е да продолжиме со спроведување на тие одлуки што се договорени на ниво на ЕУ и се во согласност со принципите за кои се залагаме“, рекол Попоски.