fbpx

Попоски го подготвува теренот за посета на Грција со позитивни коментари

-

Условите за решавање на спорот за името се повеќе од созреани, според македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски.

На помалку од пет дена до неговата посета на Атина и до средбата со грчкиот колега Никос Коѕиас, Попоски во интервју за весниците „Катимерини“ и „Реал“ посочува на потребата за поголема соработка, но и вели дека Македонија има направено голем број отстапки во однос на преговорите за името.

Попоски ветува дека ова нема да биде само формална посета, бидејќи се работи за прва официјална посета на шеф на македонската дипломатија по речиси една деценија пауза. Посочува дека македонската страна има искрена волја за соработка и за пријателство со Грција.

– Сметам дека не би требало да постои непријателство меѓу нас. Напротив, во изминатите 20 години се покажа дека двата народи имаат многу заеднички точки. Според однесувањето и начинот на размислување, би можело да се каже дека сме први братучеди – вели Попоски за „Катимерини“, коментирајќи дека врз основа на ова, двете страни имаат добра соработка во туризмот и во економијата.

Сепак, што се однесува до спорот за името, Попоски коментира дека Македонија има направено голем број компромиси, но и покрај тоа листата на барања од грчка страна за отстапки изгледа бесконечна.

Попоски е критичен кон Грција забележувајќи дека грчката влада заборава на тоа дека не смее да го блокира приемот на Македонија во Европската унија и во НАТО. Вели, Македонија не сака да има толку комплексен спор со еден од своите соседи, со кој особено има и исти стратегиски интереси, поради што е и активна во процесот на преговори за името.

Според него, за успешно решавање на проблемот за името, Грција треба да покаже дека не планира да земе сè до последно од Македонија.

– И вие и ние сме горди народи. Не би требало среќата на посилниот да се бара преку грбот на соседот – вели Попоски, додавјаќи дека е охрабрувачка соработката во практичните сектори меѓу двете страни.

За зголемувањето на соработката, ги посочува и мерките за градење доверба, кои, како што вели, се за да се развие довербата меѓу двете страни. Оптимист е дека може да се зголеми бројот на мерките и на заедничките програми, како и дека Македонија и Грција имаат сила да сорботуваат и да ги имплементираат мерките што повеќе и што побргу.

Околу справувањето со најчувствителната тема периодов, бегалската криза, Попоски ја истакнува потребата за поголема комуникација меѓу двете страни. Бара од Грција подобар систем за евидентирање на бегалците. Според него, должност на Македонија е да не прима повеќе бегалци отколку што може за да им помогне на хуман начин.

Попоски алудира на фактот дека Грција и Турција мора да почнат повеќе да соработуваат околу бегалската криза.

Пристигнувањето на Фронтекс на македонско-грчката граница, според него, е позитивен развој на настаните, бидејќи силите може да помогнат во начинот на евидентирање и на справување со бегалциите.

Признава дека трошокот од заглавените возови на македонско-грчката граница креираше проблем за голем дел од нив, но вели и дека тоа би било ништо во споредба со губењето доверба едни за други.

– Убеден сум дека ќе направиме сè што можеме за да ја осигуриме успешната соработка меѓу двете земји и институциите – посочува Попоски за весникот „Реал“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Путин го посети Си во Пекинг, повика на посилна економска соработка меѓу Русија и Кина

Рускиот претседател Владимир Путин ја истакна важноста на економската соработка меѓу Русија и Кина во посета на кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг, пренесува „Њујорк тајмс“. Додека неговата армија напредува...