Поновите компјутерски игри почнаа да бараат многу простор на хард дискот

Фото: KeepCoding on Unsplash

Повеќето гејмери и гејмерки се соочуваат со главен проблем при инсталирање на  релативно понови игри, затоа што во просек подобрите игри зафаќаат околу 100 гигабајти и ако симнат неколку, им се преполнува просторот на нивниот персонален компјутер.

Поради ова, има тенденција и напори од поодамна на интернет да се направат што повеќе игри да се играат во Browser, како Google Chrome (зазема премногу RAM меморија додека се користи и не е препорачлив за гејмери), Firefox (има верзија и на македонски), Opera (има верзија за гејминг) и Brave (има вграден Ad Blocker за да не се појавуваат реклами). На овој начин, игрите не би се симнувале цели. 

Еден ваков пример е што старата добра игра Quake преработена може да се игра директно од вебсајт. Додека се прават такви напори да се заштеди на простор “трипл еј”, насловите како Џедај Сурвајвор што “тежи” 130 GB, верзиите на Call of Duty од над 100 гигабајти, па Diablo 4 од околу 90 GB, Elder Scrolls online, Final Fantasy XIV, бараат сè повеќе простор за апдејти, што ги форсира гејмерите да си ги надградуваат компјутерите.

Ова особено е така кога се работи за SSD хард дискови, кои во моментов се најбрзи и најприкладни за гејминг. Но, во Македонија гејмерите главно купуваат SSD хардови за да им биде Виндоусот инсталиран на нив, додека за што повеќе простор на компјутерот, како доста добра и поевтина варијанта се SATA хардовите.

За оние што се сеќаваат каков бум беше излегувањето на Mame 32 емулаторот, повозрасните памтат дека токму тој емулатор ги имаше скоро сите игри што ги играле во флиперници како деца, од кои најпознатите се: Стрит Фајтер, Фајнл Фајт, Стрит Хуп и Самурај Шоудаун, и нормално, играта популарно наречена кај нас “Мустафа”, чие целосно име е Кадилакс енд Дајносорс. 

Да се надеваме дека во иднина игрите што се сега со врвна графика ќе бидат достапни во некаква верзија, како што беше Mame 32 емулаторот. Но, сега за сега, гејмерите “кубурат” со простор и најчесто инсталираат помал број “големи” игри или се фокусираат на игрите една по една.