Просечната температура во светот во понеделникот, на 3 јули, достигна ново највисоко дневно ниво – за првпат над 17 Целзиусови степени.
Според научниците, завчерашните мерења достигнале највисоко ниво од кој било инструментален запис што датира од крајот на 19 век, пренесува Би-би-си.
Високите горештини се должат на комбинацијата на временскиот настан Ел Нињо и тековните емисии на јаглерод диоксид, додаваат научниците. Тие веруваат дека во текот на наредните месеци ќе има повеќе нови рекорди како што циклусот Ел Нињо се засилува.
Уште од почетокот на оваа година, истражувачите сè се повеќе загрижени за брзото зголемување на температурите на копно и на море.
Рекордните пролетни горештини во Шпанија и во многу земји во Азија беа проследени со морски топлотни бранови на места на кои вообичаено не се забележуваат, како на пример во Северното Море.
Оваа недела продолжи топлотниот бран и во Кина со температури на некои места и над 35 Целзиусови степени, додека јужниот дел на САД исто така беше подложен на задушувачки услови.
Наспроти ова, американскиот Национален центар за предвидување на животната средина измерил просечна глобална температура од 17,01 Целзиусови степени на 3 јули.
Ова го собори претходниот рекорд од 16,92 Целзиусови степени измерени во август 2016 година.
Максимумот достигнат во понеделникот е најтопол од почетокот на сателитскиот мониторинг од 1979 година. Експертите, исто така, веруваат дека е највисок од почетокот на широко распространетите инструментални записи кон крајот на 19 век.