fbpx

Помалите партии од власта против ново парламентарно мнозинство и избори, и ДУИ се противи на оставката на Заев

-

Помалите партии ЛДП, ДОМ и ДПА, кои настапија самостојно на локалните избори, денеска најавија дека нема да поддржат формирање на ново парламентарно мнозинство во Собранието, ниту пак се сложни за одржување на предвремени парламентарни избори.

„Ние сме дел од парламентарното мнозинство и не поддржуваме одржување на нови парламентарни избори“, изјави денеска пратеничката Маја Морачанин од ДОМ.

Таа додаде дека нема да инсистираат на оставка на премиерот Зоран Заев, но и очекуваат да дознаат кои се визиите на новиот премиер.

И партијата на Мендух Тачи – ДПА излезе со став дека актуелната влада има легитимитет, додавајќи дека нема да се случи ништо драматично.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во изјава за телевизија 21 рече дека синоќа имал тензичен разговор со Зоран Заев, додавајќи дека тој не се согласува со одлуката Заев да се повлече од премиерската функција и од претседателската функција во СДСМ.

Инаку, Зоран Заев синоќа си поднесе оставка од двете функции откако беа објавени резултатите од вториот круг на локалните избори во земјава. И во вакви околности, тој остана на ставот дека не треба да има вонредни парламентарни избори, но и рече дека ќе помогне да се организира новото парламентарно мнозинство во Собранието кое би ја избрало владата.

Наспроти ова, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски изјави дека за оставката на Заев од премиерската позиција како политичка партија ќе се произнесат дури откако ќе ја видат. Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе проба да формира ново парламентарно мнозинство, но доколку не успеат, сметаат дека најдобро е да има предвремени парламентарни избори бидејќи владата и мнозинството го изгубиле легитимитетот.

Инаку, според досегашните официјални податоци на Државната изборна комисија, ВМРО-ДПМНЕ е победник на локалните избори со освоени 42 градоначалници во двата круга, додека СДСМ има освоени 16 градоначалници. ДУИ ја доби довербата во 10 општини за нејзините кандидати за градоначалници, Алијансата на Албанците и Алтернатива и БЕСА освоија по 2 градоначалника, а идентичен број на градоначалници добија и независните кандидати.

На локалните избори по еден градоначалник добија партиите – ДПА, ГРОМ, како и коалицијата на ДОМ и ЛДП. Конечните официјални резултати од ДИК ќе се знаат по поднесувањето на приговорите на политичките партии за гласањето во вториот круг и евентуалните одлуки на Управниот суд. Во неколку општини, првичните официјални резултати на ДИК говорат дека градоначалниците на Кочани, Василево, Конче, Лозово, Демир Капија и Брвеница беа избрани со само неколку десетина гласови разлика меѓу двата кандидати, што пак може да ги поттикне партиите да побараат прегласување на некои избирачки места во овие општини.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...