„Покемон“ ќе ги истражува тврдењата за копирање од новиот феномен „Палворлд“

Како и популарната франшиза на Нинтендо, и „Палвордл“ се фокусира на собирање на десетици чудни суштества со различни способности. Играта го доби прекарот „Покемон со пиштоли“ уште во 2021 година кога беше претставен првиот трејлер

фото: Принтскрин од трејлерот за „Палворлд“ на Steam

Компанијата „Покемон“ најави истрага на тврдењата за копирање против новата видеоигра „Palworld“ (Палворлд) која во моментов е вистинска сензација. Фановите на „Покемон“ укажуваат на сличности меѓу двата света, откако популарноста на новата игра оваа недела порасна, пренесува Би-би-си.

Од „Покемон“ најавија преземање на „соодветна акција“ доколку се утврди дека нејзините авторски права се повредени. Компанијата засега не отпочнала правна постапка против фирмата „Pocketpair“ која стои зад „Палворлд“.

Шефот на „Pocketpair“, пак, изјави дека играта ги поминала правните проверки пред да биде објавена.

„Палворлд“ го доби прекарот „Покемон со пиштоли“ уште во 2021 година кога беше претставен првиот трејлер.

Како и популарната франшиза на Нинтендо, и „Палвордл“ се фокусира на собирање на десетици чудни суштества со различни способности.

Обвиненија за копирање предизвикаа и дизајните на придружниците во новата игра, како и топката со која се ловат суштествата, што наликува на онаа во „Покемон“.

„Палворлд“ продаде 8 милиони копии откако беше објавена минатиот петок.

Играчите, познати како „пал-скротувачи“ патуваат околу голема мапа борејќи се со човечки непријатели и суштества познати како „другари“ (pals) кои можат да бидат фатени и регрутирани.

Тимот кој стои позади играта призна дека нивниот успех ги надминал очекувањата и дека работеле на поправка на проблемите предизвикани од огромниот интерес за „Палворлд“.

Играта Palworld е нов растечки феномен