fbpx

Почнува проектот бесплатен туристички викенд за пензионерите

-

Од 15 јануари до 16 февруари, сите заинтересирани корисници на пензија ќе можат да аплицираат за користење бесплатен туристички викенд во Струга, Охрид, Дојран, Крушево, Охрид и во Берово.

Во рамки на бесплатниот викенд се обезбедени два полни пансиони – две ноќевања со три оброка дневно, од петок до недела, а обезбеден е и автобуски превоз до хотелскиот објект.

Со проектот е планирано да се опфатат до 3.000 корисници на пензија, и тоа на старосна, инвалидска и на семејна пензија, и вклучува услуга која може да се користи еднаш, во период од април до ноември годинава.

Барањата пензионерите ќе ги поднесуваат до подрачната единица на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, според местото на живеење на корисникот на пензија.

– Третата доба е период од животот, кога треба да постои сигурност на повозрасните лица и квалитетно живеење. Години наназад како ресорно министерство ја покажавме нашата грижа за овие лица низ програмски документи, но и низ конкретни проекти и иницијативи на повеќе нивоа, кои овозможија, пред сè, материјална и финансиска сигурност на оваа категорија граѓани, како и активности во насока на квалитетен и исполнет социјален живот – рече министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, на вчерашната прес-конференција на која беше најавен почетокот на проектот.

При рангирањето на поднесените барања, приоритет ќе биде даден на пензионерите коишто имаат понизок износ на пензии, лицата кои се подолго време во пензија, пензионерите кои пред пензионирањето работеле во рудници со подземен ископ и на пензионерите кои се корисници на инвалидска пензија со утврден повисок процент на инвалидност, односно повеќе од 80 проценти, лицата корисници на право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додаток за мобилност и додаток за слепило.

Спасов појасни дека распределбата на бодовите на подносителите на барањата за користење на оваа услуга ќе биде од 1 до 100 и тоа до 50 бода ќе се добива во зависност од висината на пензијата, односно повеќе бодови за помала пензија, до 30 бода во зависност од времетраење на користење на пензијата и должината на пензискиот стаж до остварувањето на правото на пензија, 10 бода за корисници на пензија кои пензијата ја оствариле како работници во рудници во подземен ископ со стаж на осигурување со зголемено траење и 10 бода за корисници на пензија коишто користат помош и нега од друго лице, додаток за мобилност или слепило и лица коишто имаат инвалидност поголема од 80 проценти.

Лицата–корисници на пензија коишто во 2014 година добиле право да ги користат услугите од проектот за бањско-климатска рекреација годинава нема да можат да ја користат услугата бесплатен туристички викенд за корисници на пензија за 2015 година.

Граѓаните повеќе информации за проектот може да најдат во јавниот повик што ќе биде објавен во медиумите на 15 јануари 2015 година, на веб-страницата на Министерството за труд и социјална политика и на страницата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.

Оваа година услугата ќе може да ја користат до 3.000 корисници на пензија во пролетниот и во есенскиот период, при што за реализацијата на овој проект се обезбедени 10.760.000 денари. Овој проект, нагласи Спасов, значи и дополнителна поддршка на туристичките центри и капацитети во Република Македонија, и истиот ќе придонесе во нивниот понатамошен развој.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Одбележани 121 година од смртта на Гоце Делчев

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска Давкова положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св.Спас“, по повод 121 годишнината од неговото загинување. „Никој нема право да се...