Од денеска и официјално почна процесот на издавање електронски картичи за користење на јавниот превоз во Скопје.
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, и директорот на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), Игор Јанушев, денеска ги посетија просториите на ЈСП „Турс“ во која е сместена една од осумте канцеларии каде се издаваат електронските картички.

– Паралелно со издавањето на овие картички, од денес пробно почнува и новиот систем за наплата во автобусите на ЈСП, каде до 31 декември 2015 година паралелно ќе функционираат и новиот и стариот систем за наплата. Сметаме дека со овие новитети значително ќе се подобри функционирањето на системот за јавен превоз во Скопје, истиот ќе биде многу подобро организиран, ќе се зголеми брзината и квалитетот на градскиот превоз – рече Трајановски.

Според директорот на ЈСП, Јанушев, процесот на вадење електронски персонализирани картички „моја скопска“ е доста брз и не трае повеќе од две минути.

– Многу брзо, на местото се фотографира барателот на картичката и таа се изработува веднаш потоа. Ќе има осум локации во Скопје, а шест почнуваат да функционираат од денеска, односно од вторник. Со новиот систем за електронска наплата, имаме два вида картички, каде едната е персонализирана (моја скопска) и може да биде користена само од еден корисник и пренослива картичка без фотографија (скопска) – изјави Јанушев.

Истовремено, со системот за електронска наплата, се имплементира и системот за автоматска локација на возилата на ЈСП, со која ќе се овозможи секој од автобусите да биде лоциран во секое време, од почетната до крајната станица.

Проектот за воведување систем за автоматска локација на возилата и за електронска наплата е финансиран од Градот Скопје и чини околу 3 милиони евра.