Амбасадата на Руската федерација во Македонија, со пригодна церемонија во спомен на загинатите руски војници, денеска на Германските гробишта во Прилеп, одбележа 101 година од почетокот на Првата светска војна, односно влегувањето на Русија во војната.

По тој повод, делегација од Општина Прилеп предводена од претседателот на Советот, Никола Димески, положи свежо цвеќе и им оддаде почит на загинатите руски војници. Во изјава за медиумите, Димески ја истакна потребата од соработка на сите земји за воспоставување стабилност и развој.

На овие гробишта, кои германската амбасада ги обнови во изминатите години, освен германски и руски, почиваат и војници од Унгарија, Бугарија и од други држави.

Б.Б.