При проверка на една од адресите за спорни гласачи што Државната изборна комисија вчера јавно ги објави, екипа на регионалната телевизија „Стар“ откри жена почината пред седум години од центарот на Штип која сè уште има право на глас.
Сопругот на починатата Павлина Тренева пред камерите беше затечен. Изјави дека не знаел дека неговата сопруга сè уште се наоѓа на списокот на гласачи.
– Не, не знаев. Никој не ми кажал – изјави сопругот на Тренева, кој рече дека никогаш не бил посетен од претставник од ДИК.
Од списокот за проверка од Источна Македонија најголем дел спорни гласачи се со адреса во Штип. Имено, од 542 сомнителни гласачи од овој регион, на списокот се наоѓаат 315 имиња од Штип. Поголемиот дел се со адреси во станбени згради.