Почина актерот Мето Јовановски

Кај македонската публика ќе остане познат по бројните театарски и филмски улоги

Извор на фотографија: Фејсбук профил на филмскиот фестивал Киненова

Македонскиот театарски, филмски и телевизиски актер Мето Јовановски почина денес на 77-годишна возраст.

Роден е на 17 јануари 1946 година, во пехчевското село Панчарево.

Во 1971 година завршил Театарска академија во Софија, Бугарија и истата година се вработил во Драмскиот театар во Скопје.

Неговата актерска кариера започнала на сцената на Народниот театар во Штип, каде настапувал уште пред да се запише на студиите. Во филмските улоги ги изигра ликовите во филмовите „Тетовирање“, „Среќна Нова 49“, „Пред дождот“, „Големата вода“, „До Балчак“ итн. Тука се и многубројни улоги во тв серии, пред се ТВ серијата „Опстанок“.

Тој е добитник на бројни награди, меѓу кои „Златна клапа“ во Белград, четирикратен лауреат на наградата „Милтон Манаки“, наградата „Петре Прличко“, наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“, посебно признание за допринос во филмската уметност, на осмиот Балкан панорама филм фестивал во Измир 2022 итн., воедно и последното интервју на нашата телевизиска екипа со Јовановски.