По прашањата на Мета, МОН им исплати средства за оброк на студентите кои чекаа со месеци

Ако сте аплицирале за субвенциониран студентски оброк изминатава учебна година, можеби во март, постои веројатност одговор на електронската апликација да немате сè уште. И не сте единствени

илустрација: Мета.мк

После три месеци чекање и само една недела откако новинската агенција Мета.мк испрати прашања до Министерството за образование и наука (МОН), десетици студенти ги добија средствата за субвенциониран студентски оброк што државата им ги должеше од март. Електронскиот систем за аплицирање не го ажурира статусот на апликациите навремено кај сите студенти, но и покрај тоа, од МОН тврдат дека системот работел без проблеми. Субвенционираниот студентски оброк и годинава зад себе остави низа скандали – студентски протести, задоцнети исплати, нереализирани идеи и оштетени студенти.

Субвенционираниот оброк како „лотарија“ – не добива секој што исполнува услови

Ако сте аплицирале за субвенциониран студентски оброк изминатава учебна година, можеби во март, постои веројатност одговор на електронската апликација да немате сè уште. И не сте единствени. Повеќе од сто студенти во овој момент чекаат одобрување на нивните апликации за субвенциониран оброк. Иако нови конкурси се објавуваат секој месец, Министерството за образование и наука не одговара навремено на сите апликации.

Повеќе студенти до редакцијата на Мета.мк изминативе недели реагираа дека не земаат субвенциониран студентски оброк, и покрај тоа што тврдат оти ги исполнуваат сите услови што ги предвидува Законот за оваа финансиска мерка. Уште повеќе, студентите не знаеја ниту дали пријавата воопшто им е одобрена, па веќе трет месец чекале промена на статусот на нивните апликации, каде само стои пораката „Успешно поднесена апликација“.

Откако објавивме за проблемот во соработка со Инстаграм профилот „Студентарија“, дознавме дека бројот на студенти што сè уште чекаат одговор од МОН е поголем од 100. Освен за апликациите, студентите се пожалија и на отежната комуникација со министерството, па рекоа дека не добиваат одговори ниту на мејловите што ги испраќаат, во одредени случаи, и по неколку пати.

„Да, и веќе им пишав десетици мејлови. Со месеци испраќам мејлови и не добив одговор ниту еднаш“, сведочи еден од студентите кој ни достави докази од испратените е-пошти.

„Јас аплицирав, и тоа не само во март, туку на сите конкурси што досега ги објавуваше МОН. Немаше одговор на ниту една апликација“, вели друг студент.

„Аплицирав во март. Уште немам ниту одговор на апликацијата, ниту пак средства“, стоеше во пораката што студентка ни ја испрати минатата недела.

„Аплицирав во март за оброк, ме одбиваа два пати со причина дека не сум студент, а сум, и моментално сè уште нема одговор, ниту парични средства“, тврди друга студентка.

Новинарските прашања – поттик за вработените во МОН

По добиените поплаки од студентите, минатиот вторник, на 13 јуни, испративме прашања до Министерството за образование и наука за тоа која е причината за МОН со месеци да не одговара на апликации за субвенциониран оброк, ниту пак на мејловите што студентите ги испраќале на електронската адреса на министерството. Прашавме и со какви проблеми се соочува електронскиот систем „е-услуги“ преку кој се одвива аплицирањето за оброк.

Новинарските прашања, се чини, го вклучиле алармот во министерството.

Прашањата ги испративме околу пладне, а по само два часа, дел од студентите што претходно ни се обратија, рекоа дека на електронските адреси добиле одговор од МОН на мејловите што ги испратиле пред повеќе од еден месец.

фото: Мета.мк

„Хаха, добив одговор во моментов. Им праќав мејлови пред повеќе од еден месец, ова е првпат да добијам одговор“, ни напиша истиот ден студент со кого сè уште бевме во писмена комуникација околу проблемите што ги имаше со субвенционираниот оброк.

Дека добиле одговори на испратените мејлови потврдија и други студенти, но од друга страна, статусот на нивните „успешно поднесени“ апликации на „е-услуги“, не се промени.

Кај повеќето студенти овој статус не е променет ниту денес, кога на своите сметки конечно ги добиле долгоочекуваните субвенции за оброк. Нив МОН денеска им исплати средства за три месеци – март, април и мај во износ од околу 8.200 денари.

„Ми пуштија средства денес. Искрено не се ни надевав“, нè информираше студентка што претходно нè запозна со предизвиците што ги има при аплицирањето за оброк.

Дека после три месеци им се исплатени средства, ни потврдија и други студенти.

„Успешно поднесена апликација“ – нема одговор на апликација поднесена на 23 март, иако денеска е 21 јуни

Во меѓувреме, новинската агенција Мета.мк доби одговори на упатените прашања од МОН, но дури откако ги испративме по вторпат. Од ова министерство рекоа дека процесот на аплицирање за субвенциониран оброк се одвивал „без предизвици“.

„Системот за електронско аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк функционира без никакви предизвици и истиот во изминатиот период, а согласно Законот за субвенциониран студентски оброк, беше отворан за аплицирање на крајот на секој месец“, велат од МОН.

Од таму информираа дека на конкурсот објавен во март, апликации поднеле вкупно 405 студенти, кои не го користеле ова право претходно или пак им било прекинато заради одредена причина.

„Од нив, 212 апликации се одобрени и средствата ќе бидат исплатени одеднаш за март, април и мај, за што постапката е во тек, но комуницираме со дел од студентите кои имаат доставено погрешни или затворени трансакциски сметки“, ни одговорија од МОН во понеделникот, без да ја наведат причината поради која студентите три месеци ги чекаат средствата.

Покрај ова, од министерството „се пофалија“ и дека во целиот процес на доделување на средства за студентски оброк, вклучени биле студентските здруженија со кои МОН имал честа комуникација.

А од друга страна, претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС УКИМ), Славчо Темелковски, комуникацијата со МОН ја оцени како „коректна, но далеку од нивото на кое треба да биде“.

„На почетокот поради големите проблеми комуникацијата беше многу почеста, особено помеѓу студентскиот правобранител и УСС УКИМ. Комуникацијата би ја оцениле како коректна, но далеку од нивото на кое треба да биде, бидејќи и таа коректност која доаѓа од МОН се должи на неколку индивидуалци кои го даваа максимумот. Но, кога е во прашање ССО [субвенциониран студентски оброк], треба многу повеќе од еден или двајца луѓе за да биде сè како што би требало да биде“, вели Темелковски.

Студентскиот лидер на УКИМ рече дека на адресата на студентскиот правобранител на овој универзитет постојано стасувале поплаки поврзани со субвенционираниот оброк.

„Но, да бидам искрен, ваквите проблеми и поплаки беа многу, многу почести пред неколку месеци кога имаше сериозни системски пропусти при исплатата (доцнење, ненавремено ажурирање на нови податоци и сл.). Сите поплаки беа и се навремено испраќани кон МОН, сè со цел да имаат поголема тежина“, додава Темелковски.

Горчлив оброк и годинава

Ова не е првпат МОН да доцни со исплата на средства за субвенциониран студентски оброк. Всушност, оваа државна мерка од самиот почеток на учебната година се соочува со бројни препреки пред да стигне до трансакциските сметки на студентите.

Илустрација: Мета.мк

И покрај тоа што субвенциите требаше да се исплаќаат од октомври, првите средства студентите ги добија кон крајот на декември, поради доцнењето на конкурсот со кој студентите можеа да го остварат ова право. Конкурсот, пак, доцнеше поради тоа што на почетокот беа предвидени низа промени во критериумите што студентите треба да ги исполнуваат, па доколку таквите законски измени беа усвоени, без субвенциониран оброк годинава ќе останеа илјадници студенти.

По кратките студентски протести, маршеви и средби со институциите, предвидените критериуми беа повлечени, а исплатата на субвенциите за оброк продолжи по истите правила и услови како и минатата година.

Од април, пак, износот на субвенциите се зголеми на 140 од дотогашните 120 денари дневно, откако вакво ветување студентите добија од МОН при средбата со министерот Јетон Шаќири во ноември.

Сепак, останува нереализирана оригиналната замисла на субвенционираниот студентски оброк. Системското решение, надежно, ќе почне да се применува од почетокот на следната академска година.

Со новиот систем, студентите преку дигитални картички ќе купуваат субвенциониран оброк кај регистрирани даватели на услугата и тоа во одредени периоди од денот и месецот.

Дотогаш Министерството за образование и наука (МОН) треба да избере банка која ќе биде носител на платниот промет преку кој ќе се плаќа субвенционираниот студентски оброк и која ќе ги изработи дигиталните картички со кои студентите ќе може да купуваат оброци кај угостителите.

„Се изборивме заедно со сите студенти и јавноста не само да не биде никој изоставен, туку и за зголемување на оброкот како и предлог закон за негово континуирано зголемување. Кога е во прашање оперативниот дел, често се доцнеше со исплатата што беше случај, пред сè, поради сите случувања на оваа тема, а понатаму и системски проблеми, бидејќи исплатата на ССО зависи и од многу други институции. Сепак сега би рекол дека се фати одреден континуитет и се надеваме дека за наредната година се поставени темелите за тоа како треба да функционира оваа мерка“, вели Славчо Темелковски, претседател од УСС УКИМ.

Од МОН, пак, велат дека секој студент кој цени дека треба да достави жалба поврзана со субвенционираниот оброк поради која било причина, тоа може да го стори на официјалниот мејл [email protected] или писмено преку архивата на Министерството.