Субвенционираниот оброк отсега изнесува 140 денари дневно, Собранието го донесе законот

Студентите до крајот на оваа академска година средствата ќе ги добиваат на месечно ниво на своите трансакциски сметки

Илустрација: Мета.мк

Собраниските пратеници попладнево ги изгласаа измените на Законот за субвенциониран студентски оброк, со што овозможија да продолжи исплатата на средства за студентите по оваа основа, која престана во март.

Според измените, субвенцијата за оброк од април изнесува по 140 денари дневно, наместо досегашните 120 денари. Студентите до крајот на оваа академска година средствата ќе ги добиваат на месечно ниво на своите трансакциски сметки. Според пресметките, април броеше 17 работни денови, што значи дека за овој месец студентите ќе добијат 2.380 денари.

Од септември пак, треба да почне да се применува системското решени,е со кое студентите преку дигитални картички ќе купуваат субвенциониран оброк кај регистрирани даватели на услугата. Дотогаш Министерството за образование и наука (МОН) треба да избере банка која ќе биде носител на платниот промет преку кој ќе се плаќа субвенционираниот студентски оброк и која ќе ги изработи дигиталните картички со кои студентите ќе може да купуваат оброци кај угостителите.

Новина е и тоа што, освен само во работните денови во месецот, како што е сега, од септември студентите ќе може да купуваат субвенциониран оброк секој ден од понеделник до сабота, но и на верски празници, што значи дека од следната академска година вкупниот месечен износ ќе биде поголем од сега.

Изгласаните измени предвидуваат и износот на субвенциите за студентски оброк да се усогласува со инфлациската стапка по секоја фискална година.

Инаку, од присутните 120 пратеници, за носење на законот гласаа 70 пратеници.

МОН минатата седмица информираше дека се подготвува за брза исплата на средствата веднаш по стапување во сила на измените на законот.