Студентите денеска ги добија средствата за субвенциониран студентски оброк

Илустрација: Мета.мк

Студентите ги добија средствата за субвенциониран студентски оброк, соопшти денеска Министерството за образование и наука (МОН).

Студентите кои аплицираа на повикот на МОН за остварување на правото на субвенциониран оброк и притоа ги исполнувале условите, денеска на своите трансакциски сметки добија средства во износ од по 6.480 денари. Овие средства на студентите им беа исплатени за два и пол месеци, односно за месеците октомври и ноември и половина септември и тоа по 120 денари за секој работен ден.

Како што информираа од МОН, средства се исплатени на речиси 29 илјади студенти, додека на повикот за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк кој траеше од 25 ноември до 3 декември пристигнале над 31 илјада апликации.

Студентите што не го остварија правото на субвенциониран оброк или сметаат дека се одбиени неосновано, можат да поднесат приговор на електронската адреса [email protected].