Студенти од Педагошкиот факултет во Битола останаа без субвенциониран оброк поради грешка на факултетот

фото: Педагошки факултет - Битола / Фејсбук

Стотици студенти на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) во Битола уште ги немаат добиено првите средства за субвенциониран студентски оброк, иако на другите студенти им беа исплатени во втората половина на декември. И покрај тоа што ги исполнувале условите, ниту еден студент од втора, трета и четврта година на овој факултет не ги добил субвенциите за оброк во износ од 6.480 денари. Студентите останале без овие пари оти факултетот не ги доставил податоците кои ги побарало Министерството за образование и наука (МОН).

За проблемот на студентите од Педагошкиот факултет стигнаа повеќе реакции до редакцијата на новинската агенција Мета.мк. Студентите велат дека и покрај тоа што на конкурсот за субвенциониран оброк се пријавиле уредно и ги доставиле сите потребни документи, сепак добиле одговор дека апликациите им се одбиени, а како причина за одбивањето било наведено дека не се редовни студенти.

Другите студенти во земјава парите за субвенциониран оброк ги добија на 22 декември, кога на сметка им легнаа 6.480 денари. Тоа се пари кои им беа исплатени за три месеци одеднаш поради доцнењето на повикот.

Според јавниот повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, податоците за редовност во студиите МОН ги обезбедува од високообразовните установи, кои до министерството, меѓу другото, треба да достават и листа на редовните студенти.

Студентите од Педагошкиот факултет тврдат дека факултетот, поради грешка, не ги доставил бараните потврди за редовни студенти.

„Студентите од втора до четврта година бевме одбиени за користење на студентскиот оброк од МОН, бидејќи нашиот факултет не ги испратил потврдите за редовни студенти, велат дека било „техничка грешка“, но студентите што се од прва година добија студентски оброк. Ова не е неправда направена само на неколку студенти, ова е неправда за сите студенти од факултетот“, пишува студентка од Педагошкиот факултет во една од пораките што стигнаа до Мета.мк.

Од МОН и од факултетот на студентите кажале да поднесат приговор на одбиените апликации, но три недели подоцна, студентите велат дека уште не добиле конечен одговор на приговорите. Од факултетот ги известиле студентите да аплицираат на вториот конкурс за субвенциониран оброк чиј рок истече на 5 јануари, а се однесуваше на оние студенти што не го оствариле правото на оброк со првиот јавен повик.

Студентите сега се плашат дека ако приговорите не им бидат одобрени, ќе останат без субвенциите што им следуваат за месеците септември, октомври и ноември.

За случајот Мета.мк во повеќе наврати се обраќаше до Министерството за образование и наука и до Педагошкиот факултет при УКЛО, со прашање дали студентите ќе бидат обесштетени. До овој момент, ниту една институција не одговори на прашањата.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКЛО (УСС УКЛО), Душан Стевановски, потврди дека студентите останале без оброк поради грешка на факултетот.

„Поради направена техничка грешка од страна на Педагошкиот факултет во Битола, сите студенти од втора, трета и четврта година автоматски беа изоставени од можноста за добивање субвенциониран студентски оброк. Од тогаш досега се направени неколку чекори, меѓу кои и наши, во правец на решавање на ова недоразбирање“, вели Стевановски.

Тој кажа дека на последната седница на ректорска управа на УКЛО во 2022, која била одржана неколку дена пред новата година, тој го нагласил проблемот со субвенционираниот студентски оброк на Педагошкиот факултет.

„Таму беше присутна и деканката на факултетот, која рече дека се работи на решавање на случајот и дека факултетот е во контакт со МОН. Јас во меѓувреме од претседателката на факултетското студентско собрание на Педагошкиот факултет бев информиран дека до студентите на факултетот било нагласено секој поединечно да пушти приговор до МОН со појаснување дека била направена техничка грешка“, вели Стевановски.

Голем број негови колеги од Педагошки факултет се обиделе да стапат во контакт со МОН, но безуспешно.

„Тоа што требаше да биде направено од наша страна како УСС беше направено. Беа информирани сите што беше нужно да бидат информирани. Сега останува само да ги чекаме одговорите за приговорите, а секако за тоа ние не ги носиме одлуките“, додава Стевановски.

МОН досега изврши само една исплата на субвенциите за студентски оброк. Студентите сега ги очекуваат пари за месецот декември.

Средства се чекаат и за стипендии – поголем дел од студентите што го продолжиле правото на стипендија уште не ги добиле парите за октомври, а досега не се објавени ниту резултатите од новиот конкурс чиј рок истече на 5 декември.