УСС УКИМ реагира на ненавремената исплата на субвенционираниот оброк и студентските стипендии

фото: Мета.мк

Преку отворено писмо, претставниците на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) реагираа за тоа што надлежните во Министерството за образование и наука (МОН) доцнат со исплата на парите за субвенциониран студентски оброк и стипендии за студентите.

Оттаму укажуваат дека меѓу студентите владее атмосфера на незадоволство и дека МОН го злоупотребува трпението на студентите со тоа што ненавремената исплата се провлекува уште од првиот месец кога требаше да започне.

„И покрај тоа што почна исплатата на стипендиите и објавивте дека конечно ќе се премине кон потпишување на договорите за изедначување на стипендиите, и покрај тоа што имаше една исплата за студентскиот оброк за месец јануари, сепак чувствуваме должност да ја доближиме атмосферата која владее меѓу студентите, а е резултат на ненавремена исплата на вашите обврски кон нив кога се во прашање стипендиите и студентскиот оброк како и ненавременото информирање околу причините за таквите дејствија“, се вели во реакцијата на УСС УКИМ.

Од студентското собрание се јасни дека дополнителната манипулација со роковите на исплата ќе носи уште поголем револт, недоверба кон институцијата и незадоволство кај студентите.

„Исто така напоменуваме дека 15 март се ближи, датумот на кој треба да се зголеми сумата за студентскиот оброк, она кое го ветивте во месец ноември, во спротивно гласот на студентите повторно ќе биде широко слушнат“, реагира УСС УКИМ.

Оваа академска година, конкурсите за студентите за субвенциониран оброк и за стипендии беа објавени со задоцнување од неколку месеци. Исплатите по овие основи, исто така доцнеа.

Парите за јануари студентите ги зедоа дури минатата недела, а МОН вети дека до средината на месецот ќе ги исплати сите средства за субвенциониран оброк и стипендии што им следуваат на студентите заклучно со март.

Според договореното во ноември, од 15 март МОН треба да го зголеми износот што го добиваат студентите за субвенциониран студентски оброк. Во моментов не е познато дали и колку ќе изнесува оваа мерка од средината на месецов.