До средината на месецов, студентите ќе ги добијат средствата за субвенциониран оброк и стипендии заклучно со март

Фото: Felicia Buitenwerf on Unsplash

До средината на март, сите корисници на ученички стипендии, студентски стипендии и субвенциониран студентски оброк ќе ги добијат средствата кои им следуваат заклучно со овој месец, информираше денеска Министерството за образование и наука (МОН).

Од ова министерство велат дека постојните корисници на ученички и студентски стипендии кои ова право го оствариле во некоја од претходните учебни, односно академски години, ги имаат добиено средствата заклучно со јануари годинава, така што преостанува да се реализира исплатата за месеците февруари и март, за што постапката е во тек.

Средношколците што правото на ученичка стипендија го оствариле во тековната 2022/2023 година, ќе добијат средства за 7 месеци, додека новите корисници на студентска стипендија одеднаш ќе добијат стипендии за 6 месеци.

„Во моментов, во тек е потпишувањето на примероците од договорите за секој стипендист, што е основ за исплата на средствата, откако претходно се усвоија програмите за ученички и за студентски стандард“, велат од МОН.

Од министерството информираат и дека над 29.000 студенти денеска добија по 2.520 денари за субвенциониран студентски оброк за месец јануари, додека за февруари исплатата ќе се реализира следната недела. Во тек е и разгледување на новите поднесени апликации, а предизвик на комисијата која ги разгледува биле честите невалидни трансакциски сметки и погрешно наведени матични броеви што ја отежнува работата и со тоа се одложува и исплатата.