По многу одолговлекувања, студентскиот дом во Тетово денеска отворен за студентите [фото]

Како што изјавија за Порталб.мк, студентите со нетрпение го чекале овој ден и од самото утро се наредија за да се сместат во своите соби

Фото: Порталб.мк/Фисник Џелили

Тетовскиот студентски дом кој долги години се ветуваше утрово ги отвори вратите за да ги прими студентите кои ќе се сместат таму. И покрај тоа што им беше кажано дека ќе можат да се сместат во него од 1 октомври, кога и започна новата академска година, вратите за студентите се отворија со еден месец задоцнување, пишува Порталб.мк. 

Со почеток во 9 часот, денеска 129-те студенти кои се примени на конкурсот на Министерството за образование и наука (МОН) започнаа со процедурите за сместување во студентскиот дом.

Учениците со нетрпение го чекаа овој ден и од самото утро се наредија за да се сместат во своите соби. Сè до пред една недела тие немаа никакви информации од МОН околу тоа кога ќе може да се сместат во студентскиот дом. Сместувањето на студентите беше планирано за минатиот месец кога и почна академската година, но тоа не се оствари.

Како што изјавија за Порталб.мк, студентите со нетрпение го чекале овој ден и од самото утро се наредија за да се сместат во своите соби, затоа што сè до пред една недела тие немале никаква информација од МОН околу тоа кога ќе може да се сместат во студентскиот дом. Новинарот на Порталб.мк утрово беше кај студентскиот дом и одблиску го следеше текот на овој процес.

Од управата на студентскиот дом известија дека се очекува бројот на примени студенти во домот да расте.

„Студентскиот дом денес почна со прием на студентите, верувам дека набргу ќе има уште еден конкурс, и верувам дека ќе има поголем број на примени студенти за да се постигне исполнување на целиот капацитет од околу 300 студенти“, изјави директорот на студентскиот дом, Туши Дервиши.

Студентскиот дом е опремен со нов мебел и е еден од најмодерните во државата. Собите се двокреветни, и момчиња и девојчињата се сместени посебно

Во домот има и посебни соби кои се наменети за студентите со посебни потреби, кои ќе престојуваат во еднокреветни соби кои нудат повеќе простор за движење, а имаат и поголемо купатило.

Како што известија за Порталб.мк од управата, студентскиот дом ќе нуди и храна за студентите.

„Ќе има и храна, од управата ќе зависи дали ќе биде тоа ручек или вечера, како ќе им одговара на студентите, тоа е вклучено во договорот”, рече Дервиши.

Тој вели дека во домот на студентите ќе им биде „како да се дома“.

„Безбедно е, студентите ќе се чувствуваат како да се дома“, рече Дервиши.

Во надворешниот дел недовршен останува дворот, но таму сè уште течат работите.

„Дворот се работи, мислам дека сè е во ред за студентите, условите се исполнети, во дворот се работи и ќе биде готов за десетина дена”, рече Дервиши.

Инаку, недостигот на студентски дом претставува проблем за многу странски студенти бидејќи, според нив, цените за сместување во приватните станови се високи, а покривањето на трошоците не е лесно за студентите, како што не е лесно и наоѓањето на еден или двајца цимери со кои ќе се дели станот и трошоците.

Маратон на ветувања за Студентскиот дом

Овој студентски дом се ветува уште од 2016 година, на денот кога Владата на Северна Македонија го усвои Законот за основање на Универзитетот „Мајка Тереза“, беше најавена и изградбата на овој студентски дом, а истата година беше објавен и тендерот за изградба на истиот.

И покрај тоа што тендерот за изградба беше отворен во септември 2016 година, немаше одлука за почеток на работите. Оваа одлука официјално беше донесена на крај на месец март 2018 година и беше планирано овој објект да биде финализиран во април/мај истата година. Но, и во овој временски рок тоа не беше направено.

Потоа, од МОН соопштија дека студентскиот дом треба да биде завршен кон крајот на 2021 година, но ни тој рок не беше испочитуван.

На почеток на 2022 година, актуелниот министер Јетон Шаќири изјави дека се очекува студентскиот дом да биде готов за семестарот кој започна во октомври минатата година, но ништо од тоа не се оствари.

Последното ветување беше дека студентскиот дом ќе биде пуштен во употреба во октомври годинава за учебната 2023/24 година, што исто така не се оствари. Во меѓувреме, примените студенти мораа да најдат алтернативно сместување или пак секојдневно да патуваат.