„Пикавец“ е новиот краток аматерски филм што е работен на професионален начин

Фото: Градско Кино Милениум

Вчера се одржа втората проекција на новиот македонски краток филм „Пикавец“ во градското кино Милениум во Скопје.

Краткометражниот аматерски филм „Пикавец“ е воедно студентско деби во режија на Ѓорѓе Нешковиќ и корежија на Костадин Симовски. Кинематографијата е направена од страна на Михаил Митевски и Леона Јариќ, а монтажер е Емилија Лазаревска. Продуцент на филмот е Аника Чорбеска. Улоги во филмот толкуваат Гоце Андонов, Бистра Јованова, Синиша Зориќ, а како глумци се појавуваат и двајцата режисери.

Она што го издвојува овој филм од останатите веројатно ќе биде хаотичната мисла на „неуредното“ сценарио кое што е адаптирано во филмска проекција што поставува прашања на кои гледачот треба сам да одговори. Актерите кои низ филмот „трчаат“ со страв, но и решителност и бунтовност ја доловуваат тинејџерската збунетост која се јавува како резултат на драматичното запознавање и приспособување на младите во новото „сериозно“ опкружување на возрасниот свет.

Сценските елементи како и скромната, но вклопувачка костимографија заедно со јасната тонација и внимателно одбраната музика на Емир Јашаров успеваат да остварат 16 минутен занес низ приказната што го носи името „Пикавец“.

Ѓорѓе Нешковиќ, кој во моментов е ученик во Средното уметничко училиште во Скопје и долги години се занимава со глума во изјава за „Мета.мк“ накратко го опиша процесот на развивање на идејата за својот прв филм:

Ако можам да одберам една реченица би рекол дека идејата потекнува од оваа целосна агресија што се собираше последните две години околу светот. Специфично за мене, ми се случуваа одредени „драми“ што ме инспирираа да ги напишам на лист. Потоа видов дека напишаното може да функционира како приказна а потоа и како филм. За сценариото не се консултирав со никого затоа што сакав да ја запазам неговата автентичност и да остане како што беше првобитно напишано.

Фото: Синиша Зориќ; Костадин, Ѓорѓе и Гоце за време на снимање

Тој додаде дека иако идејата и сценариото се негови, работењето на филмот и режирањето се препишуваат на сите како резултат на тимска работа.

 

„Мислам дека е навистина добро кога се работи со помала екипа поради што се формира вид на интимност, секој знае кој е посакуваниот краен продукт и сите волужуваат во тоа. Филмот не е само мој, не би се ставил само јас во улогата на режисер затоа што сите на некој начин учествувавме во секој аспект од неговото креирање.“

 

Филмот е сниман во период од еден месец, а потребни биле дополнителни два месеци за музика и монтажа.

„Кога Ѓоре прв пат ми го покажа сценариото и ме покани да бидам дел од филмот, ние заедно почнавме да бараме екипа, односно луѓе кои се занимаваат со вавки работи. За глумци правевме аудициии сме многу задоволни. Јас сум многу задоволен од опремата за снимање што ја добивме која излезе како подобро решение од она на што се надевавме“, раскажа Костадин Симовски.

Фото: Синиша Зориќ, за време на снимање

Аника Чорбеска која е студентка на факултетот за аудиовизуелни уметности „Еуропа Прима“ вели дека се обиделе да го извадат максимумот од она што им било понудено.
„Немавме буџет за некои работи да ги направиме на поквалитетен начин, ама заеднички работевме напорно и успеавме. Потребно беше да се снаоѓаме за опрема, но убавината е во искуството и секако, најважно е да се почне од некаде“, вели Чорбеска.

Она што го најавуваат следно за филмот е мини-турнеја, односно да промоција на уште неколку проекции во кината во другите градови низ Македонија, а потоа се планира и пријавување на филмски фестивали за кратки филмови.

Првата, премиерна проекција на „Пикавец“ беше одржана во Кинотеката на Северна Македонија на 19 ноември.