Премиера на краткиот филм „Пикавец“ утре во Кинотека

Фото: Фејсбук страница за филмот „Пикавец“

Краткометражниот аматерски дебитантен филм „Пикавец“ ќе биде премиерно прикажан утре во Кинотеката на Северна Македонија, со две проекции со почеток од 18 и 18:45 часот.

Филмот е по сценарио и режија на Ѓорѓе Нешковиќ, а корежисер е Костадин Симовски. Продуцент е Аника Чорбеска, камерата е на Леона Јариќ и Михаил Митевски, а монтажата на Емилија Лазаревска. Музиката и аудиодизајнот ги изработил Емир Јашаров.

„Соочени со темната страна на нивните одлуки, Бенан, Филип и Дарко се принудени да живеат во страв. Ситуацијата во која се наоѓаат се одразува и на Димитар и Елза кои и покрај обидите да ги оттргнат од реалноста и нивните психолошки последици, вмешувањето со погрешните луѓе за групата тинејџери проследува во параноја, крв и солзи“, се вели во најавата за филмот.