Во Собранието на организиран начин беа нападнати пратениците на СДСМ (Принтскрин)

Денеска се навршуваат пет години од „крвавиот четврток“ или упадот во Собранието на 27 април 2017 година кога група на луѓе вклучувајќи и членови на безбедносните структури го нападнаа законодавниот дом во организација на раководството на тогаш сè уште владејачката ВМРО-ДПМНЕ сакајќи да спречат мирен трансфер на власта.

Тоа беше обид за воспоставување на целосна диктатура во државата во која власта веќе владееше недемократски, медиумите беа под целосна контрола, а постоеа и обиди за целосно згаснување на граѓанското општество преку секојдневни закани и заплашувања. На денот на нападот, тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој сега е бегалец од правдата осуден на повеќе години затвор, замина во Виена.

Контурите на насилството на 27 април 2017 година започнуваат по одржувањето на предвремените парламентарни избори на 6 декември 2016 година. Тогашната коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Груевски освои 51 пратеничко место во Собранието, додека опозициската коалиција предводена од СДСМ на Зоран Заев доби 49 пратенички места од граѓаните.

Во практиката, имало многу случаи во историјата на развиените западни демократии кога извршната власт ја формира онаа коалиција што ќе добие мнозинство во парламентот за изгласување на влада, а не онаа партија која ќе освои најмногу пратенички места на изборите. На 9 јануари 2017 година претседателот Ѓорге Иванов му го даде мандатот за составување на влада Груевски.

Сепак, Груевски не успеа во законски предвидениот рок од 20 дена да оформи коалиција со дотогашниот партнер ДУИ и да формира влада, по што дадениот мандат истече. ДУИ на предвремените парламентарни избори во 2016 година освои само 10 пратенички места, БЕСА доби 5 пратенички места, Алијансата за Албанците 3 пратенички места и ДПА освои два пратеника.

Откако Груевски не успеа да ја формира новата влада, СДСМ ги започна преговорите со албанските партии и успеа да договори парламентарно мнозинство за формирање на новата влада со коалиција во која би влегле ДУИ, БЕСА и Алијанса за Албанците. Сите заедно овие партии имаа 67 пратенички места, што е повеќе од неопходното мнозинство од 61 пратеник за да се изгласа формирање на новата влада без ВМРО-ДПМНЕ.

Зоран Заев уште кон крајот на февруари ги обезбеди потписите, по што на 27 февруари побара од претседателот Ѓорѓе Иванов да го добие мандатот за составување на новата влада, како втора по големина партија која освоила најмногу гласови на парламентарните избори. Сепак, Иванов на 1 март 2017 година скандалозно го одбива барањето на Заев за доделување на мандатот, со изговор дека најпрво треба да се избере нов претседател на Собранието којшто би го известил дека е формирано ново парламентарно мнозинство.

Иванов, исто така, говореше за т.н. „тиранска платформа“, ширејќи ја теоријата на заговор чија цел беше поттикнување омраза кон етничките Албанци и нетрпеливост и вознемиреност кај другите етнички заедници, во прв ред меѓу Македонците, а потоа и кај другите балкански народи.

Новинската агенција „Мета“ од јануари до март 2017 година ја следеше реториката на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, која за само неколку недели ја промени терминологијата, која се движеше од само „платформа“, па преку „нова платформа“, „национална платформа“, „платформа на Албанците“, сè до последните „сеалбанска платформа“, „платформа од Тирана“ и „тиранска платформа“. Променетата терминологија кореспондира со тајмингот кога Никола Груевски и неговата партија разбира дека не може да ја убеди ДУИ и другите албански политички партии да ја формираат новата влада предвидена од ВМРО-ДПМНЕ.

Два дена пред Зоран Заев да го побара мандатот за состав на новата влада предводена од СДСМ, на 27 февруари започнуваат протестите под името „За заедничка Македонија“ организирани од колумнистот Богдан Илиевски и режисерот Борис Дамовски. Првиот марш беше всушност организиран „Тврдокорните“ под мотото „Македонски марш – завет за Македонија“, по што тој прерасна под името „За заедничка Македонија“.

Иако почетокот на одржувањето на протестите е синхронизирано со периодот кога на ВМРО-ДПМНЕ ѝ станува јасно дека не може да формира влада, сепак протестите „За заедничка Македонија“ започнуваат со барање за отфрлање на т.н. „тиранска платформа“, односно се водат преку развој на долгокористениот дискурс на затегнување на меѓуетничките односи за да се спречи формирањето на нова влада.

Еден ден пред протестите, Никола Груевски во својство на претседател на ВМРО-ДПМНЕ на 26 февруари во интервју за телевизија Сител го повика членството на неговата партија на улица со зборовите „сите оние кои планираат да седат дома во влечки и да гледаат телевизија верувајќи дека друг ќе им ја заврши работата за заштита на нивната држава, се во заблуда“.

Во наредните недели од периодот меѓу 27 февруари до „крвавиот четврток“, македонската јавност систематски се подготвуваше за насилството коешто кулминираше со упадот во Собранието. Два месеци се разгоруваше опасниот медиумски дискурс од провладината медиумска машинерија на ВМРО-ДПМНЕ, паралелно со секојдневното организирање на протести по скопските улици.

Покрај јавниот радиодифузен сервис МРТ, тогашната власт од ВМРО-ДПМНЕ под своја контрола ги имаше речиси сите национални телевизиски станици во земјава, вклучувајќи ги и двете најгледани телевизии – Сител и Канал 5. Паралелно на ова, ВМРО-ДПМНЕ под своја контрола ги држеше најголемиот дел од дневните весници, при што најголеми тиражи имаа токму весниците во сопственост на „Медиа принт Македонија“. Трите весници на МПМ, „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“, беа згаснати, а стотици новинари и медиумски работници останаа без работа. Третата линија на медиумски притисок беа десетици веб-портали на интернет, кои секојдневно и безпоговорно објавуваа идентични разгорувачки соопштение за „тиранската платформа“, десороидизацијата на земјата, предавствата на СДСМ и цела серија на теми кои емитуваа говор на омраза што се наголемуваше од ден во ден.

Призма ќе објави дека од 2010 до 2017 година, власта на ВМРО-ДПМНЕ префрлила најмалку 26 милиони евра, пред сѐ, на телевизиите преку владините реклами и други медиумски услуги. Најголем дел од овие пари завршиле во најгледаните телевизии, како Сител и Канал 5, а приматот во поддршка на протестите на „За заедничка Македонија“ го презеде штотуку отворената ТВ Нова на бизнисменот Сеад Кочан, кој во тоа време беше осомничен во случајот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), ќе напише Призма. И ТВ Нова подоцна беше затворена.

Низ двата месеци на секојдневни протести, реториката се засилуваше и насочуваше од спречување на реализацијата на т.н. „тиранска платформа“ кон сопирање на изборот на нов претседател на Собранието на РСМ. На оваа позиција новото парламентарно мнозинство предводено од СДСМ го избра Талат Џафери од ДУИ.

Насилството кулминира на 27 април 2017 година во попладневните и вечерните часови, кога стотици лица – приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ и на таканареченото здружение „За заедничка Македонија“ упаднаа во Собранието за да го спречат изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на Македонија. И покрај упадот и насилството, Џафери беше избран за претседател на Собранието.

Упадот се случи во 19 часот, откако беа отворени влезните врати од собранието од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, а неколку лица со маски заедно со останатата толпа беа пропуштени од полицијата која го обезбедуваше Собранието и упаднале во салата за новинари каде конференција за печат држеше новоизбраниот претседател Џафери.

Насилниците ги нападнаа пратениците и новинарите што се наоѓаа во Собранието, при што со тешки телесни повреди се здобија тогашниот претседател на СДСМ, Зоран Заев и претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села. Полицијата реагираше преку растерување на толпата дури три часа по упадот на насилниците, кои официјално беа осудени во судски процес како терористи.

Спречувањето на мирниот трансфер на власта доби и судски епилог. На 15 март 2019 година, обвинетите за упадот во Собранието добија вкупно 211 години казна затвор. Од 17 обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок со упадот во Собранието на 27 април 2017 година, 16 беа прогласени за виновни и добија повеќегодишни затворски казни, додека оперскиот пејач Игор Дурловски беше ослободен од обвинението. Највисока казна доби тогашниот висок полициски функционер Митко Чавков – 18 години затвор.

На 26 јули 2021 година, организаторите на 27 април 2017 година или т.н. „крвав четврток“, сите од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, добија затворски казни од вкупно 25 години затвор. Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски беше неправосилно осуден на шест и пол години затвор, екс-министрите Миле Јанакиески и Спире Ристовски добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски беше осуден на 6 години затвор за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. За избеганите Никола Груевски во Унгарија и Никола Бошкоски од УБК во Грција, постапката е запрена до нивно наоѓање, односно апсење.

Образложувајќи ја пресудата, судијата Илија Трпков на изрекувањето на пресудата во јули 2021 година рече дека државата се брани со ум и срце, а не со насилство и додаде дека со организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година беше повредена сржта на демократијата.