Уставниот суд утврди повреда на слободата на изразување на новинарката Душица Мрѓа

Уставниот суд утврди дека Граѓанскиот и Апелациониот суд не направиле разлика во кое својство била присутна новинарката Душица Мрѓа во Собранието за време на настаните од 27 април 2017 година

-

Уставниот суд утврди повреда на слободата на изразување на мислата на новинарката Душица Мрѓа од телевизија 24 вести, согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот.

Уставниот суд утврди дека Граѓанскиот и Апелациониот суд не направиле разлика во кое својство била присутна новинарката Душица Мрѓа во Собранието за време на настаните од 27 април 2017 година.

Судот, според соопштението, оценил дека таа во Собранието била присутна како новинар и требало да информира за изборот на претседател, но била оневозможена. Според Судот, државата е должна да обезбеди услови на новинарите да можат слободно да известуваат.

„Слободата на медиумите како составен дел на слободата на изразувањето ја опфаќа слободата на јавното информирање и примање, пренесување на информации, што претставува една од основите на демократското општество, бидејќи слободната комуникација на информации и идеи за политичките и другите општествени прашања од јавен интерес се од суштинско значење за секое општество“, се вели во соопштението на Уставниот суд.

Ова, според судот, имплицира слобода на медиумите да добиваат информации врз основа на кои тие ќе можат да ја остваруваат својата улога, да коментираат и известуваат за сите значајни прашања од јавен интерес, без ограничувања, а со цел информирање на јавноста.

Новинарката Мрѓа до Уставниот суд поднесе иницијатива за заштита на слободите и правата. Таа сметаше дека двата суда и го повредиле правото на слобода на изразување пропуштајќи ја можноста во пресудите да утврдат дека како новинарка на 27 април 2017 година државата прво не ја гарантирала нејзината безбедност при извршување на работните задачи во Собранието и била оневозможена да известува слободно за настаните кои се одвивале на 27 април 2017 година. За неа беше спорно тоа што во пресудата Апелациониот суд прифатил дека не била доведена во прашање слободата на изразување за настаните, бидејќи таа слобода ја реализирала во дебатни емисии во наредните денови, но не било разјаснето дали таа имала можност да ја реализира слободата токму на критичниот ден.

Во барањето на Мрѓа се спореше наведеното од пресудите, а тоа е дека нема повреда на правото на слободата на изразување, бидејќи терористички акти се забранети на секое место во државата, вклучително и во Собранието, па така можело да се случи и на улица или било каде, а државата е должна да се справи со истите и пред сè да ги заштити граѓаните од смрт, повредување и оштетување или уништување на имот. Според двете пресуди на Граѓанскиот и Апелациониот суд, фактот што во Собранието влегле лица кои не требало да се таму, не значело дека на тужителката ѝ било оневозможено слободното изразување.

Суета и политика – власта заборава каква била во опозиција

Премиерот Мицкоски е сигурно во право кога апелира до опозицијата на отстранување на суетите во политиката при носење јавни оценки за политиките на власта, но е недоследен во својот...