fbpx

Контраспин: Ковачевски со напад врз синдикалниот лидер го минимизира нападот врз контролорите на летање

Сосема е јасно дека главниот проблем се непотребни и нестручни лица што се вработуваат во М-НАВ, а за стручните, пак, проблематичен е начинот на вработување

-

Премиерот Димитар Ковачевски со напад врз претседателот на синдикатот на контролорите на летање ја извртува вистината околу главните проблеми со М-НАВ и за конкретната афера со упадот во контролата на летање. И покрај тоа што со одлука на Влада е задоволено главното барање на синдикатот – смената на директорите кои со години се во фокус на јавниот интерес, Ковачевски вели дека М-НАВ станала семејна фирма и дека тоа го покажувал примерот со лидерот на синдикатот, па затоа и Еуроконтрол требало да се позанимава со тоа, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Бележиме изјава на премиерот Димитар Ковачевски во која се препознава спин.

Спин: Со таа институција треба посериозно да се позанимава не само Владата туку и Еуроконтрол. Нивното финансирање е од таму. Има неколку аспекти кои треба да се анализираат. Таа фирма сметам дека е станата семејна фирма. Има до трето колено вработувања од исто семејство. Претседател на синдикат, татко му работел таму, брат му работи таму. Тие функционираат како семејство. Премногу случајности има во таа организација за некои од нив да се случајни , рече Ковачевски.

[Извор:Независен – М-НАВ е станата семејна…; датум – 10.01.2024]

Контраспин: Премиерот Димитар Ковачевски преку селекција на факти – кои членови на семејството на првиот синдикалец на М-НАВ, Александар Тасевски работеле во институцијата, се обидува да ја изврти вистината, т.е. да спинува околу главниот проблем со аферата во М-НАВ.

Имено, Ковачевски го издвојува релативно нерелевантниот податок дека во М-НАВ работел таткото на Тасевски, а сега работи и неговиот брат, па оттаму вади заклучок дека „таа фирма е станата семејна фирма“ и има до „трето колено вработувани“.

Ова е многу слично на аргументот што го вадеше досегашниот директор и преседател на УО на М-НАВ Фахрудин Хамиди, кој со тезата дека немало напад, туку имало кошкање меѓу колеги во Контролата на летање, се обиде исто така вината да ја префрли врз Тасевски, со аргументот дека имало кланови и дека таму работеле таткото и неговиот брат.

Но, проблемот не е во тоа што таму работел таткото на Тасевски и неговиот брат. Проблемот, да потсетиме, е малку повеќе постар од нападот врз контролорите на летање на 04.01.2024 година. Синдикатот преку неговиот претседател Тасевски предупредува на проблемите со несуштински вработувања и со вработувања на некомпетентни кадри во Контролата на летање уште многу поодамна, а од скоро предупредува и на ненаменско трошење пари (наместо нова зграда на Контрола на летање реновирана била гаража за 400 илјади евра).

Кога на прес-конференцијата на 04.01.2024 година Тасевски е поддржан од повеќето негови колеги, меѓу кои и Албанци вработени во Контролата на летање, тогаш се пали црвеното светло кај членови на ДУИ вработени во М-НАВ, па преку поранешниот министер Беким Незири, група од 7 лица предводена од него влегува во кулата и прави упад во Контролата на летање, при што и физички се пресметува со еден од контролорите Албанци.

Тоа што случајот е заглавен во правосудниот апарат е еден дел од проблемот, а вториот дел од проблемот е зошто Обвинителството и МВР не се потрудиле да бидат идентификувани и да се бара правосудна мерка за другите 4 лица, не само за онаа група што беше донесена во Суд на чело со Незири.

Но, сосема е јасно дека главниот проблем се непотребни и нестручни лица што се вработуваат во М-НАВ, а за стручните, пак, проблематичен е начинот на вработување.

Ете тоа е главниот проблем во М-НАВ за којашто и претседателот Стево Пендаровски изјави дека е „зрела за генерален ремонт“, а за кој што синдикатот преку Тасевски ја алармирал јавноста и пред повеќе од една година. Впрочем, „Вистиномер“ има пишувано и за тој скандалозен конкурс од пред една година, но и за доцнење со проектот за модернизација на радарските системи во Скопје и Охрид во 2016 година, за што М-НАВ беше одговорен.

Бидејќи токму директорите и УО на М-НАВ се проблемот, затоа и Владата на седницата од 09.01.2024 г. донесе одлука за смена на двајца директори, меѓу кои едниот е и претседател на УО на М-НАВ. А токму тоа беше барањето на струковиот синдикат.

Тоа што на истата седница Владата го задолжила и Трудовиот инспекторат да изврши контрола на работењето на Струковиот синдикат и тоа што Ковачевски го посочува Тасевски за пример за фамилијарно врзување и претворање на М-НАВ во семејна фирма, е само селективно издвојување на факти со цел да се спинува околу главниот проблем – приватизирање на М-НАВ по партиска линија, а потоа загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај преку физички напад на контролорите, кој засега, од надлежните институции се решава на граница на неказнивост.

Оттука изјавата на Ковачевски може да се оцени како спин.

 

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Може да се раскине кој било договор, прашање е цената

Ванковска делумно точно оценила дека раскинувањето на договорите со Бугарија и Грција „е лесно“ и „малку потешко“. Но, нејзината проценка колку лесно или колку тешко се раскинуваат билатералните и...