fbpx

Перински контра Арсовска за Пречистителната станица

-

И Европската инвестициска банка е против барањето на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која побара да ги сменам членовите на Евалуциската комисија за тендерот за изградба на Пречистителната станица, соопшти разрешениот в.д директор на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, Златко Перински, откако денеска Град Скопје соопшти дека е тој разрешен.

Образложението беше дека дошло до нерегуларности во постапката за тендерот за капацитетот што треба да ги пречистува скопските отпадни води, а проектот се проценува на 136 милиони евра.

Градоначалничката Арсовска го разреши директорот на Водовод, Златко Перински и секретарот Ѓоко Велковски поради Пречистителната станица

„На крајот на јули добив допис од градоначалничката Арсовска која бара од мене промена на членовите на евалуационата комисија за изградба на пречистителната станица. Немаше никакво образложение за ваквата постапка, а причините поради кои ова го бара треба самата Арсовска да ги објас ни. Јас за ова ја известив Европската Инвестициска Банка, која е банка лидер и која е кредитор на самиот проект тежок 160 милиони евра за ваквиот чекор и побарав мислење за ваквото барање. ЕИБ одговори за ваквото барање на Арсовска негативно. Значи она што го бараше градоначалничката не е одобрено од банката лидер“, рече Перински.

Тој се бранеше дека нема да дозволи незаконско работење, по која било цена и нема да подлегне на притисоци. Рече оти е симптоматично што разрешувањето се случило на денот на отворање на понудите и ѝ порача на Арсовска дека проектот за Пречистителната станица нема врска со Град Скопје, туку со Владата, ЈП Водовод и канализација – Скопје, ЕИБ и Европската банка за обнова и развој.

„Ваквата одлука на Арсовска за мое разрешување доаѓа на денот кога комисијата треба да ги отвори понудите. Почитувањето на законот никогаш не е самоволие како што тоа го пишува Арсовска во соопштението на Градот, туку единствена обврска. И да не ме разрешеше, јас бев подготвен да си заминам доколку цената е да го прекршам законот, како што таа бараше од мене со разрешување на членовите од комисијата. Што се однесува до самиот проект за пречистителна станица тоа е проект на Владата на Р. Македонија, Водовод и со кредити од Европската Инвестициска Банка и Европската Банка за обнова и развој.“, рече Перински.

Инаку, Мета.мк веќе направи репортажа за состојбата со водите на реката Вардар во Скопскиот регион. Со експерт од Центарот за јавно здравје-Скопје бевме во обиколка на неколку локации каде што се исфрлаат загадените непрочистени води во реката Вардар, но и каде што се фрла ѓубре во реката и со трактори се доведуваат фекалии за испуштање во речните води. Тогаш напишавме дека со години наназад анализите на водите на реката Вардар покажуваат оти бактериолошки тие се наоѓаат во највисока четврта категорија на загадување, додека хемиски може да се случи речните води да бидат меѓу четврта и петта категорија на загадување во зависност од годишното време и водостојот.

Тогаш добивме и објаснување дека Скопје е единствениот главен град во Европа кој нема изградено пречистителна станица за отпадни води. Исто така, единствената солуција за да се подобри бактериолошкиот и хемискиот квалитет на водите на реката Вардар, а со што би се овозможили и повторно безбедно користење на речните води за наводнување на земјоделските површини по должина на Повардарието, е изведбата на скопската пречистителна станица.

Две години се одолговлекува изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Скопје, Вардар останува загаден

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...