Две години се одолговлекува изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Скопје, Вардар останува загаден

Фото: Мета.мк

„Пречистителната станица за отпадни води за Скопје ќе почне да се гради в година“ е насловот на текстот на Мета.мк објавен на 27 ноември 2019 година во однос на изведбата на капиталниот проект што треба да го реши проблемот со загадувањето на водите на реката Вардар во главниот град. Од крајот на 2019 година до денес, најдовме барем неколку ветувања од властите со зададени рокови за тоа кога ќе почне изградбата на овој објект во близина на селото Трубарево, којшто треба да го реши проблемот со третманот на отпадните води што непрекинато се вливаат во реката Вардар од над 500.000 жители на главниот град.

Во летото 2020 година се објави постапката за претквалификација за избор на најповолен изведувач што ќе ја гради пречистителната станица за отпадни води во Скопје. Во мај 2020 година, од ЈП „Водовод и канализација“-Скопје ветија дека изградбата на пречистителната станица за отпадни води е предвидено да започне до крајот на 2021 година.

Веќе во октомври 2020 година, од претпријатието објавија дека завршил рокот за поднесување на апликации за претквалификација за избор на најповолен понудувач, при што биле поднесени 12 апликации од компании или конзорциуми заинтересирани за изградба на капиталниот објект вреден 136 милиони евра.

Една година подоцна, новозададениот рок за почеток на изградбата беше пробиен. Од Министерството за животна средина и просторно планирање во март 2021 година за Мета.мк да извести дека пречистителната станица ќе почне да се гради во јуни 2022 година бидејќи до тогаш ќе требало да се избере најповолниот понудувач што ќе го гради капиталниот објект. Веќе во декември 2021 година, од истото министерство добивме одговор дека почетокот на изградбата ќе биде август 2022 година.

„Потпишувањето на договорот е планирано за август 2022 година“, информираа тогаш од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Најновото ветување дојде во март годинава, кога во просториите на ЈП „Водовод и канализација“-Скопје се отворија тендерските понуди за дизајн и изградба на пречистителната станица за отпадни води, при што две компании се квалификуваа во втората фаза од тендерот. Тогаш беше соопштено дека изведбата ќе започне во текот на 2022 година.

„Ако до сега отпадните води одеа директно во Вардар, притоа свесно загадувајќи ја животната средина и јавното здравје, сега конечно ќе имаме можност активно да делуваме, да ги менуваме работите и да ставиме крај на загадувањето на реката Вардар“, изјави тогаш скопската градоначалничка Данела Арсовска.

Пречистителната станица за отпадни води во Скопје ќе почне да се гради годинава

Мета.мк деновиве испрати прашања до Министерството за животна средина и просторно планирање и до ЈП „Водовод и канализација“-Скопје во врска со изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Скопје. Одговор добивме единствено од скопското јавно претпријатие, но и во него е поставен нов рок за почеток на градежните работи – 2023 година.

Од ЈП „Водовод и канализација“-Скопје велат дека во тек е техничката и финансиската евалуциона постапка на понудите пристигнати на тендерот, при што за оваа постапка се предвидува временски период од 3 до 6 месеци и истата е сè уште во тек.

„Врз основа на тековниот работен план, изборот на најповолниот изведувач на работите за дизајн и изградба на ПСОВ – Скопје треба да биде завршен до крајот на 2022 година. Градежните работи се очекуваат да започнат во 2023 година, а целосното пуштање на станицата во употреба треба да биде во 2028 година. Во овој период од неколку години, освен изведбата на градежните активности, предвиден е и тест период за функционалноста на станицата како и период за обука на кадарот“, велат за Мета.мк од ЈП „Водовод и канализација“-Скопје.

Инаку, Мета.мк веќе направи репортажа за состојбата со водите на реката Вардар во Скопскиот регион. Со експерт од Центарот за јавно здравје-Скопје бевме во обиколка на неколку локации каде што се исфрлаат загадените непрочистени води во реката Вардар, но и каде што се фрла ѓубре во реката и со трактори се доведуваат фекалии за испуштање во речните води. Тогаш напишавме дека со години наназад анализите на водите на реката Вардар покажуваат оти бактериолошки тие се наоѓаат во највисока четврта категорија на загадување, додека хемиски може да се случи речните води да бидат меѓу четврта и петта категорија на загадување во зависност од годишното време и водостојот.

Тогаш добивме и објаснување дека Скопје е единствениот главен град во Европа кој нема изградено пречистителна станица за отпадни води. Исто така, единствената солуција за да се подобри бактериолошкиот и хемискиот квалитет на водите на реката Вардар, а со што би се овозможили и повторно безбедно користење на речните води за наводнување на земјоделските површини по должина на Повардарието, е изведбата на скопската пречистителна станица.

Воедно, изградбата на овие објекти за заштита од загадување на водите е обврска што ја имаат сите земји-членки на ЕУ за населените места поголеми од 15.000 жители. Доколку сакаме да постанеме членка на Европската Унија, тогаш сопирањето на загадувањето на водите треба да нѝ биде должност не само поради заштита на животната средина, туку и тоа е и еден од условите за наше придвижување во евроинтеграциите.

Реката Вардар е место за фрлање отпад и извор на болести, ќе успееме ли да го прочистиме до 2026 година? (видео)